Линкови за пристапност

Новата влада во Северна Македонија да се придржува до меѓународните обврски, велат САД и Франција


Францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден на церемонијата по повод 80-годишнината од Денот Д во Нормандија
Францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден на церемонијата по повод 80-годишнината од Денот Д во Нормандија

Франција и САД ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до меѓународните обврски, се вели во француско-американскиот патоказ, кој Белата куќа го објави на 8 јуни, по одбележувањето на 80 години од најголемата копнено-воздушно-поморска операција во историјата, Денот Д, за ослободување на Европа од нацистичката окупација.

Белата куќа кажа дека Бајден и Макрон се заложиле за Европа - цела, слободна и мирна.

„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до своите меѓународни обврски“.

Освен Северна Македонија, патоказот ги спомнува и другите држави на Западен Балкан, како и Украина, НАТО, Блискиот Исток и други региони.

„Франција и САД ја поздравија континуираната блиска соработка за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија со цел да се зголеми просперитетот и да се зајакне демократското владеење и владеењето на правото. Тие ја поздравуваат можноста за зајакнување на заедничкиот ангажман на Западен Балкан, вклучително и преку соработката меѓу Европската Унија (ЕУ) и НАТО, дијалогот олеснет од ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и преку поддршка на клучните реформи за интеграција во ЕУ“, се вели меѓу другото во информацијата.

Помошник-државниот секретар на САД Џејмс О` Брајан, кога го честиташе изборот на Гордана Сиљановска- Давкова на социјалната мрежа Х, рече дека САД очекуваат да работат со Северна Македонија „на значајни реформи и заеднички цели на патот кон евроатлантската интеграција“.

И заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет на крајот на мај, рече дека САД добиле уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат.

„Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија [ВМРО-ДПМНЕ] која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат“, одговори тогаш Ескобар.

Грција го поврза напредокот на државата кон ЕУ со целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно со „употребата на уставното име на земјата“, откако Гордана Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Северна Македонија, при заклетвата на инаугурацијата за претседател.

Кабинетот на Сиљановска-Давкова веднаш потоа соопшти дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но оти во нејзините јавни настапи „има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и иден премиер кажа дека сите документи и закони ќе ги потпишува со уставното име, но дека во говори нема да користи Северна Македонија.

Oд прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка претходно кажаа дека како што ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, САД ќе продолжат да ја истакнуваат важноста да се почитуваат „меѓународните договори и придобивките од полноправното членство во Европската Унија“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG