САД повикуваат на континуирани напори и реформи неопходни да се постигне напредок во пристапот и полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), изјавија за Гласот на Америка на македонски јазик од прес-службата на Стејт департментот.
На прашањето дали Бугарија, со тоа што ја блокира Северна Македонија поради историски барања, ги загрозила интересите на САД и Западот во регионот, Стејт департментот рече:
„Охрабруваме продолжување на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој е вкоренет во заедничката заложба за иднината на Северна Македонија како полноправна членка во ЕУ“. Бугарија бара вклучување на Бугарите во Уставот како прелиминарен услов за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
И Грција вчера го поврза напредокот на државата кон ЕУ со целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно со „употребата на уставното име на земјата“, откако Гордана Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Северна Македонија, при заклетвата на инаугурацијата за претседател.
Кабинетот на Сиљановска-Давкова потоа соопшти дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но оти во нејзините јавни настапи „има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација“.
Гласот на Америка на македонски праша дали САД се загрижени оти промената на власта во државата би можела дополнително да ги отежни веќе закочените пристапни преговори со ЕУ.
„Граѓаните на Северна Македонија на 8 мај гласаа на претседателски и парламентарни избори со историски резултати. Ѝ честитаме на избраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, првата жена претседател на државата, и со нетрпение го очекуваме формирањето на новиот состав на Собранието и неговиот избор на идниот премиер“, одговори Стејт департментот.
Во изјавата натаму се вели дека „нашите заеднички цели за безбедност, просперитет и целосна евроатланска интеграција остануваат, и САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во исполнувањето на тие аспирации“.
Министерството за надворешни работи (МНР) повика сите политички чинители, а особено избраните државни функционери, да бидат внимателни и да ги почитуваат уставните одредби и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосно почитување на Договорот од Преспа.
„Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, соопшти МНР.
Порака дојде и од ЕУ.
„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучувајќи гo Договорот од Преспа“, напиша претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.
Неодамнешна анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), покажа дека поддршката за ЕУ се намалува во државите на Западен Балкан каде претходно била многу силна.
Според резултатите на анкетата, 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.
„Луѓето го губат трпението со чекањето за влез во Европската Унија. Дел од ова се објаснува и со фактот дека Украина е поканета и други земји, додека во повеќето случаи земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении во редот за влез во Европската Унија“, изјави за Гласот на Америка Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.
Facebook Forum