Линкови за пристапност

САД и Грција ќе разговараат за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ


Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис го поздравува американскиот државен секретар Eнтони Блинкен, при пристигнувањето на островот Крит, Грција, 6 јануари 2024 година, за време на патувањето на Блинкен на Блискиот Исток
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис го поздравува американскиот државен секретар Eнтони Блинкен, при пристигнувањето на островот Крит, Грција, 6 јануари 2024 година, за време на патувањето на Блинкен на Блискиот Исток

Западниот Балкан и интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) ќе бидат тема на разговор меѓу САД и Грција, за време на стратешкиот дијалог меѓу двете држави, денес во Стејт департментот, изјавија дипломатски извори за Гласот на Америка на македонски.

Оваа тема ќе се дискутира од американската и грчката страна како дел од првиот столб од стратешкиот дијалог, кој се однесува на „регионални политички и економски прашања“, според изворите.

Западниот Балкан беше тема на разговор и за време на третиот стратешки дијалог САД - Грција во 2021 година.

Стејт департментот тогаш изјави дека државниот секретар Ентони Блинкен „изрази благодарност за конструктивната улога што Грција ја игра во поддршката на регионалната интеграција на Западен Балкан“.

Блинкен зборуваше за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан во Брисел во ноември минатата година, на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, пред да отиде во Скопје на министерскиот самит на ОБСЕ.

„Секретарот Блинкен ќе ја истакне цврстата посветеност на НАТО кон Украина во нејзината борба против руската агресија, ќе ја нагласи нашата поддршка за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан и ќе разговара за приоритетите на Самитот во Вашингтон во јули 2024 година“, изјави тогаш портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Гласот на Америка на македонски, лани во ноември, објави дека војната во Украина ја нагласува итноста Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, повикувајќи се на изјава од Стејт департментот.

„Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“, кажа тогаш Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, одговарајќи на барањето да ја искоментира изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија потенцијално може да предизвика нови кризи на Балканот.

Потсекретарот на Одделот за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон, при објавување на најновите санкции за лица и фирми на Западен Балкан, рече дека Русија продолжува да го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на регионот во меѓународните институции и организации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG