Алијансата нема потврда за информациите на украинскиот претседател Зеленски дека Западен Балкан може да биде цел на директна руска воена закана. Генералниот секретрар на НАТО, денеска во Скопје, беше јасен дека регионот е интересен за Москва, но не и за руско воено инволвирање на Балканот. Јенс Столтенберг предупреди дека Алијансата внимава на секој чекор на Русија која повторно беше повикана да ја прекине агресијата врз Украина.
„Не гледаме итна директна воена закана од Русија против некоја членка на НАТО или регион, но секако остануваме внимателни, следиме што прави Русија и остануваме обединети. Ги повторуваме нашите пораки кон Русија -дека треба да се воздржи од агресивни чекори кон соседите и секако да ја запре агресијата во Украина и да го почитува правото на секоја држава самата да си го избира својот пат“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Премиерот потврди дека безбедносните служби се свесни за руското присуство во регионот и дека се следат сите чекори на, како што рече поединици или политички партии кои имаат исти интереси како Москва. Ковачевски не прецизираше кои се тие „истомисленици“.
„Информациите кои се разменуваат со членките на НАТО е дека нема закана за безбедноста и стабилноста на нашата земја. Ова се прашања заради кои се бориме против руското влијание во регионот. Ве уверувам дека институциите си ја вршат својата работа, но и сите политички чинители имаат обврска да придонесуваат за мир и стабилност. Влијание на трети земји, вклучувајќи и руско е присутно во регионот, тие секогаш се во можност да најдат поедицни или политички партии, но тие не се ни на приближно исто ниво со она што го поседуваат безбедносните служби и НАТО за да извршат дестабилизација на нашата земја“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
За време на оваа прва посета на Скопје откако Северна Македонија стана членка на НАТО, Столтнеберг го пофали придонесот на земјава во Алијансата, како и осудата и санкциите кон Москва и поддршката и помошта за Украина. Не ја пропушти можноста да прати порака до сите лидери од регионот.
„НАТО може да смета на Северна Македонија и Северна Македонија може да смета на НАТО. Алијансата ја гарантира вашата базбедност – покриени сте со НАТО воздушното патролирање. Сигурноста на Западен Балкан е витална за Алијансата. Но, има простор за загриженост – тензии во Босна и Херцеговина – ги поддржувам тамошните политички лидери да се воздржат од сецесионистичка реторика и да се насочат на мирни решенија. Неодман на Косово видовме неприфатливи акти на насилство, дури и напади на КФОР војници. Белград и Приштина мора да се вклучат во дијалогот што го водат ЕУ, тоа е единствениот начин за постигнување решение“, истакна Столтенберг.
Од владата замина во парламентот каде се обрати пред сите пратеници, државниот врв и министрите. Настапот, во кој зборуваше и за членството на земјава во ЕУ, го почна на македонски.
„Добар ден. Членството во ЕУ дополнително ќе ја зајакне вашата демократија, владеењето на правото, социјалната правда ќе зголеми можности за сите граѓани, особено за младитѕе. Сите политички партии имаат одговорност заедно да работат и да ја движат државата напред. Ве охрабрувам да бидете постојани и да работите на тоа како што работевте на членството за НАТО“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Првиот човек на НАТО во Скопје ја завршува својата посета на Западен Балкан – изминатите денови беше во Сараево, Приштина и Белград, а утре во Македонија ќе присуствува на собир на лидерите на Алијансата од регионот. Поканети се претседателот на Хрватска и премиерите на Словенија, Црна Гора и Албанија.
Facebook Forum