Линкови за пристапност

САД бараат Израел да се воздржи од поширок регионален конфликт


САД бараат Израел да се воздржи од поширок регионален конфликт
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант се состана со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Вашингтон, еден ден откако државниот секретар Антони Блинкен го предупреди Галант да не дозволи проширување на конфликтот со Хамас во Газа. Известува Кетрин Гипсон.

Расте загриженоста бидејќи зголеменото гранатирање на границата меѓу Израел и Либан ги зголемува изгледите за поширок регионален конфликт.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант имаше интензивни состаноци во Вашингтон, придружувајќи му се на секретарот за одбрана Лојд Остин во Пентагон, кој повика на дипломатско решение.

„Провокациите на Хезболах се закануваат да ги вовлечат израелскиот и либанскиот народ во војна што тие не ја сакаат, а таква војна би била катастрофа за Либан и би била погубна за невини израелски и либански цивили“, рече Остин.

Галант рече дека Израел се наоѓа на крстопат што ќе влијае на целиот Блиски Исток.

„На север, ние сме решени да воспоставиме безбедност, менувајќи ја реалноста на теренот и враќајќи ги нашите граѓани, безбедно дома“, истакна Галант.

Израел го отфрли барањето на Хамас привремениот прекин на огнот во осуммесечниот конфликт да резултира со крај на војната. Еден аналитичар изјави за Гласот на Америка дека Галант е клучна алка за САД додека ги продолжуваат тие преговори.

„Администрацијата на Бајден генерално го гледа министерот за одбрана Галант како вистински сојузник во овој потфат. Галант некако го понуди својот повоен план пред неколку месеци. Тоа не беше прифатено од администрацијата на Нетанјаху. Мислам дека секретарот Остин и секретарот Блинкен веруваат дека имаат некој вид подготвен партнер во Галант. Тој би можел да биде корисен посредник со владата на Нетанјаху“, посочува Рафаел Коен од Проект РАНД.

Војната започна на 7 октомври, кога Хамас започна ненадеен напад врз Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 240 луѓе како заложници. Министерството за здравство на Газа, кое не ги разликува цивилите од борците, вели дека повеќе од 37.000 Палестинци загинале од почетокот на непријателствата.

Координаторката на Обединетите нации за хуманитарни прашања Јасмина Гуерда предупреди дека ситуацијата во Газа е ужасна.

„Никој од нив нема основни услови за живот. Она што имаат се услови за преживување. И, тоа едвај“, рече Гуерда.

Стејт департментот соопшти дека многу копнени конвои со помош во Газа не стигнуваат до цивилите поради криминални цели.

„Операциите се во тек. Ситуацијата е сè уште кревка. Треба да продолжиме да добиваме поголема хуманитарна помош на северот и, се разбира, да се справиме со стагнацијата - а во некои случаи и пресвртот, како што е ситуацијата на југот“, укажа Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Милер рече дека окончување на конфликтот е единствениот сигурен начин да се стави крај на страдањата во Газа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG