Линкови за пристапност

Нетанјаху вели дека созреваат условите за договор за заложниците во Газа


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обрати на прес-конференција во Тел Авив на 13 јули 2024 година во услови на тековен конфликт меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Газа. (Фото: АФП)
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обрати на прес-конференција во Тел Авив на 13 јули 2024 година во услови на тековен конфликт меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Газа. (Фото: АФП)

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рекол на семејствата на заложниците кои се држат во Газа дека би можел да се постигне договор што ќе обезбеди нивно ослободување, соопшти неговиот кабинет во вторникот, додека борбите беснеат во палестинската енклава.

Израелските сили продолжија со нападот во јужната област Кан Јунис во Газа, откако им наредија на цивилите да ги евакуираат некои области за кои рекоа дека биле користени за обновени напади од палестинските милитанти.

Илјадници луѓе бегаа во побезбедни области по израелските воздушни напади, соопштија претставници на ОН.

Нетанјаху во моментов е во Вашингтон и се очекува да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден подоцна оваа недела по обраќањето пред Конгресот.

Говорејќи во главниот град на САД вчера, пред семејствата на заложниците, тој рече:

„Условите (за договор) несомнено созреваат. Ова е добар знак“.

Месечните напори со посредство на Египет и Катар за постигнување прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас добија на интензитет во последниве недели, според предлогот наведен од Бајден во мај, пред повторно да заглават.

„За жал, тоа нема да се случи одеднаш, ќе има фази. Сепак, верувам дека можеме да го унапредиме договорот...“, рече Нетанјаху.

Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави за Ројтерс дека нема ништо ново во ставот на Нетанјаху.

„Нетанјаху се` уште е во застој и тој испраќа делегации само за да го смири гневот на семејствата на израелските заробеници“, рече тој.

Израелскиот преговарачки тим треба в четврток да ги продолжи разговорите што ќе вклучи ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.

Во еднонеделното примирје во ноември, 105 заложници беа ослободени во замена за 240 палестински затвореници.

Според два египетски безбедносни извора, Израел го информирал Египет дека израелска делегација ќе пристигне во Каиро в среда навечер, велејќи дека тоа ќе донесе позитивни одговори со цел да се постигне напредок кон договорот.

Во нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври, беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 250 беа заробени, според израелските податоци.

Хамас и другите милитанти сè уште држат 120 заложници, од кои околу една третина беа прогласени за мртви во отсуство од страна на израелските власти.

XS
SM
MD
LG