Како што ѝ натаму е напнато во Газа, така тлеат и тензиите меѓу Вашингтон и Тел Авив за тоа што е следно.
Израелските сили влегоа во најголемата болница во Газа, тврдејќи дека цел биле виши милитанти на Хамас.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху планира голема копнена операција во преполниот град Рафах - нешто на што се противи претседателот Џо Бајден доколку не постои претходен хуманитарен план.
Зборувајќи телефонски двајцата лидери се согласија нивните тимови да се сретнат во Вашингтон во „наредните денови“ за да разговараат за ситуацијата пред Израел да преземе акција на теренот.
„Нашиот став е дека постојат начини Израел да победи во овој конфликт, да ја обезбеди својата долгорочна иднина, да стави крај на заканата од теророт од Хамас, но да внимава на цивлното население во Рафах. Тоа е она што ќе го претставиме кога ќе дојде овој тим“, рече Џејк Саливан, Советник за национална безбедност.
Премиерот на Израел беше поопширен во своето резиме на дискусијата.
„Разговаравме за најновите случувања во војната, вклучувајќи ја и посветеноста на Израел за постигнување на сите цели на војната - елиминација на Хамас, ослободување на сите наши заложници и ветување дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел - истовремено обезбедувајќи потребна хуманитарна помош“, беше ставот на Бенјамин Нетанјаху, израелскиот премиер.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш предупреди дека секоја секунда е важна.
„Палестинците во Газа трпат застрашувачки нивоа на глад и страдање. Ова е најголема бројка луѓе кои се соочуваат со катастрофален глад досега регистиран за класификација на безбедноста на храната каде било и во секое време“, истакна Гутереш.
Првиот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел го обвини Израел.
„Неприфатливо е. Гладувањето се користи како оружје во војната. Да, тоа е точно. Не станува збор за недостиг на доволно залихи храна“, посочи Борел.
Израел ги обвини милитантите на Хамас - кои ја испровоцираа војната по убиствата на 7 октомври, за застојот на хуманитарните конвои.
Аналитичарите велат дека како главен гарант на безбедноста на Израел, САД ќе извлечат поуки од историјата и ќе извршат дипломатски притисок пред да се прибегне кон поставување услови за воена помош.
Facebook Forum