Агресијата на Русија врз Украина претставува флагрантно кршење на Повелбата на ОН, порача Ковачевски во обраќањето во Њујорк

Ковачевски: „Од исклучителна важност за мојата земја е забрзаната интеграција во ЕУ и ние сериозно работиме на сите потребни чекори кон оваа стратешка цел“.

На 77-то Генерално собрание на ОН во Њујорк, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во обраќањето истакна дека предизвиците, колку и да ги има на едно широко географско тло, кулминираат на едно место, а потоа стануваат потенцијална глобална закана.

„Денес, тоа место е една независна и суверена држава – Украина, чијшто народ се соочува со неприфатлива и недозволива агресија од Руската Федерација“, изјави Ковачевски.

Тој се осврна на два аспекти во актуелната војна во Украина.

„Едниот е фактот дека агресијата доаѓа од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, како што е Руската Федерација. Тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик - држава членка на организација којашто во својата основа го има одржувањето на мирот во светот, е спротивно на сите заложби на цивилизираниот свет, да се застане на патот на сите форми на дејствување чиишто последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир. Исто така, покажувањето сила на една географски поголема држава, врз една географски помала држава - определена да споделува демократски вредности, е опасен и недозволив преседан. Во заедничкот свет, составен од географски поголеми и помали држави, ова едноставно мора да се спречи да стане пракса“, изјави Ковачевски.

Од говорницата на ОН во Њујорк, премиерот, потсети на позицијата на Северна Македонија во актуелните глобални предизвици поврзани со војната во Украина:

„Непредизвиканата агресија на Руската Федерација врз Украина претставува флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право. Таа не може да се оправда, ниту да се релативизира. Русија мора веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина“, истакна Ковачевски.

Според него, патот на дипломатијата и дијалогот, којшто се единствениот механизам за разрешувањата на споровите и предизвиците меѓу државите.

Тој се осврна на раселување на населението, што добива и размери на егзодус. Потети на емигрантските бранови од претходните години од Сирија и Авганистан кои не стивнуваат.

Бегалци од Украина

„Сега се соочуваме и со милиони бегалци од Украина во светот. Северна Македонија ги отвори вратите за граѓаните од Украина, кои приморани да ја напуштат родната земја побараа засолниште во нашата држава. Оваа прилика е момент да се оддаде должно признание на државите во светот коишто примија најголем број бегалци, како и на големиот број граѓани ширум светот кои се секојдневно се ангажирани во згрижувањето на бегалците и воопшто во помагањето на оние кои имаат потреба од тоа“, изјави првиот човек на македонската влада.

Тој се осврна дека Северна Македонија активно работи на остварување на Милениумските развојни цели и дава поддршка на сите напори за појаки и поефикасни Обединети нации.

Од ОН најави дека Северна Македонија од први јануари 2023 година го презема претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), најголемата регионална безбедносна организација.

„Како претседавач со ОБСЕ во 2023 година, ќе бидеме целосно посветени на благородната мисија во служба на мирот и безбедноста, како предуслов и за економско-социјалиот развој и верувам дека ќе придонеме и во унапредувањето на мултилатералните безбедносни механизми“, изјави Ковачевски.

Ковачевски изјави дека како мултиетничка функционална демократија, денес, Северна Македонија е успешен пример на Европа во мало, на Балканот.

„Заедно со два наши соседа, Албанија и Србија, ја основавме иницијативата „Отворен Балкан“, што е денес успешен пример на регионално поврзување. Тоа придонесе во заедничките заложби за укинување на непотребните бариери во движењето на луѓето, трговијата, пренесувањето стоки и давањето услуги“, изјави премиерот.

Северна Македонија денес е достоинствена членка на Алијансата. И по 17 години од добиениот кандидатски статус, ги почнавме преговорите со Европската унија, изјави Ковачевски.

„Од исклучителна важност за мојата земја е забрзаната интеграција во ЕУ и ние сериозно работиме на сите потребни чекори кон реализацијата и на оваа втора, државна, стратешка цел“, најави тој.

„Членството на Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата Европска унија, посебно во новите околности на глобален план, кога овој знак на охрабрување - дека процесот на проширување е актуелен го очекува целиот регион, којшто колку и да има прогресивни раководства не е имун на глобалните предизвици, изјави Ковачевски.

Македонскиот премиер го заврши своето обраќање на 77-то Генерално собрание дека пандемијата со Ковид и војната во Украина потсетија на слабостите на човештвото, дури и во еден современ 21-ви век.

„Како што пандемијата ја покажа и моќта на човечката издржливост и жилавост - и силата на инвентивноста и способноста на науката за кратко време да се дојде до потребните вакцини, човештвото мора да продолжи да се потпира на науката и да продолжи да верува во своите хуманистички основи и капацитети и за мир“ заврши премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Генералното собрание на ОН.