Линкови за пристапност

Ковачевски за Гласот на Америка: Левица има отворена соработка со партии од Русија, но ме загрижува и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ


Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели Ковачевски за Гласот на Америка.
Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели Ковачевски за Гласот на Америка.

Глас на Америка: Премиере, веќе подолг Владата, но и вие лично, зборувате за руски активност кои целат на поткопување на ситуацијата во Северна Македонија. Но, за што конкретно станува збор, какви активности гледаат надлежните инсттуции? Минатата седмица, и шефот на дипломатијата јавно потврди дека има руски активности?

Ковачевски: Најпрво, ние сме држава која стратешки се определила да биде членка на НАТО и на ЕУ. Веќе сме членка на НАТО. Значењето на тоа членство се гледа сега кога се води војна во Украина по инвазијата на Русија врз независна и суверена држава. Конечно ги отпочнавме преговорите со ЕУ, што значи остварување на стратешки цели кои што државата ги има поставено пред 30 години. Балканот секогаш бил под геостратешки интерес и на Руската федерација, но и на други земји, кои не сакале да го видат регионот дел од ЕУ и од НАТО. Тие имаат влијание кое се одразува негативно на тие европски интеграции. Ме прашавте конкретно какво е тоа влијание? Тоа влијание се одвива во повеќе правци. Ние сме сведоци дека сега имаме голем број на хибридни напади во делот на владините институции што се случува и во Албанија, но има и политички партии кои се противат на нашето членство во НАТО и во ЕУ.

Глас на Америка: За кои, конкретно, станува збор?

Ковачевски: Најконкретно, е партијата Левица, за кои гледате дека имаат отворена соработка со партии од Русија, меѓутоа мене ме загрижува и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое секогаш се противи на стратешките интереси на државата. Тие беа против Преспанскиот договор и зачленувањето во НАТО, а сега беа против предлогот на Европскиот совет, преговарачката рамка и отпочнување на преговорите со ЕУ, за подоцна да се затскријат зад македонските граѓани, почнаа една против-уставна иницијатива за референдум, и ја поддржуваат иницијативата која ја промовира Левица, која се однесува на стопирање на државата на патот кон ЕУ. Сметам дека тоа е апсолутно погрешно и спротивно на стратешките интереси на државата и за што граѓаните пред 31 година го одлучиле со создавањето на своја независна и суверена држава.

Глас на Америка: - Кога ќе ја обелодените содржината на воената помош за Украина и дали се плашите од руска реакција, како што веќе предупреди Москва?

Ковачевски: Најпрво, за воената агресија која Русија ја изврши врз Украина. Имаме јасен став. Ја осудивме уште првиот ден кога се случи. Тоа е напад врз од една држава врз друга суверена држава која е независна. Тоа е војна на автократија со демократија, а ние сме дел од демократскиот свет. Како членка на НАТО учествуваме во одлуките на НАТО. Во однос на помошта кон украинскиот народ, таа транспарентно ја објавивме. Се работи за помош преку Министерството за одбрана, но и хуманитарна помош, и помош за згрижување на бегалци од Украина.

Глас на Америка: Ставот на државно-владиниот врв е дека проширувањето на ЕУ од политичко, станува безбедносно прашање. Северна Mакедонија, по 17 години, конечно ги почна пристапните преговори. Најавувате нивно завршување, но и зачленување на земјата во ЕУ до 2030 година. Нели е тоа оптимистички?

Ковачевски: Имавме период од 17 години кандидатски статус. Владата на СДСМ со коалиционите партнери работеше изминатите 5 години за усогласување на законодавството со она во ЕУ. Во моментов имаме 45% усогласено законодавство со ЕУ. Веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од Владата, имаме назначено главен преговарач. Вклучени се во преговорите и академската заедница и невладиниот сектор. Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

Глас на Америка: Забележливо е дека во последните недели сте во потрага по енергенси во пресрет на зимата. Од Грција договорате испораки на јаглен. Во игра влегува и набавка од Турција. Се најавува ново поскапување на струјата по Нова година. Има ли нешто конкретно? Што прави Владата?

Ковачевски: Јас уште во мај кажав дека ова ќе биде најтешката зима по Втората светска војна. Тоа сега сите го потврдуваат. Тоа се гледа од движењата, на пазарот на енергенси и негативното влијание од војната во Украина. Секој човек во услови на криза и војна мисли на своето семејство, но обврска на премиерот е да мисли на сите во државата. Затоа со министрите од економските ресори, претседателот на Стопанската комора, и во согласно со нашите добрососедски односи, кои во последните 5 години ги изградивме со сите соседи, водиме разговори со Србија, Бугарија, Грција, почнавме и со Турција. Оваа зима ќе биде ужасна. Во ОН сите зборуваат за кризи. Оваа година има недостиг на електрична енергија и достава на храна за голем дел од светот. Македонија го зголеми домашното производство на струја. Обезбедуваме електрична енергија за граѓаните и малите потрошувачи. Се обидуваме да обезбедиме струја преку директни договори со други држави.

XS
SM
MD
LG