Линкови за пристапност

Билетот од Москва до Истанбул или Дубаи достигна 9.119 долари во еден правец


Русите побрзаа да резервираат билети во еден правец за излез од земјата, откако претседателот Владимир Путин нареди делумна мобилизација на воените резервисти за војната во Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во телевизиско интервју изјави дека првично ќе бидат мобилизирани 300.000 резервисти со соодветно борбено искуство.

Цените на билетите вртоглаво пораснаа поради очигледните стравувања дека руските граници наскоро би можеле да се затворат или дека Путин може да најави општа мобилизација.

Голем број Руси веќе ја напуштија земјата откако Путин им нареди на своите војници да ја нападнат Украина пред речиси седум месеци.

Ер Србија, единствениот европски авиопревозник покрај Туркиш ерлајнс кој ги одржува летовите за Русија и покрај ембаргото за летови на Европската унија, забележа дека билетите за летот Москва-Белград брзо се распродадоа во следните неколку дена, додека цената за летовите од Москва до Истанбул или Дубаи достигна дури 9.119 долари за билет во еден правец во економска класа.

Група со седиште во Белград наречена „Руси, Белоруси, Украинци и Срби заедно против војната“ објави на Твитер дека нема достапни летови до Белград од Русија до средината на октомври. Се вели дека летовите за Турција, Грузија и Ерменија исто така се распродадени.

Русите можат да влезат во Србија без виза. Белград не се приклучи на западните санкции против Русија поради нејзината агресија во Украина.

Сојузниците како Белорусија и Кина, исто така, не воведоа санкции кон Русија.

Во некои објави на социјалните мрежи се наведува дека луѓето веќе биле вратени од копнената граница на Русија со Грузија кои патувале со воз.

Во овој извештај беа користени информации од АП, АФП и Ројтерс

XS
SM
MD
LG