Линкови за пристапност

Борел категоричен: Нашата цврста поддршка за Украина останува


Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, рече дека министрите за надворешни работи на ЕУ се согласиле да продолжат и да ја зголемат својата воена поддршка за Украина и да го разгледаат новиот пакет санкции насочени кон руски поединци и одредени сектори на руската економија.

Борел им рече на новинарите доцна во средата по свикувањето на специјален министерски состанок во Њујорк дека деталите за пакетот санкции допрва треба да ги утврдат претставниците на ЕУ, но дека е сигурен дека ќе има едногласна поддршка.

Тој рече дека е важно министрите да се сретнат и да испратат „моќна порака“ истиот ден кога рускиот претседател Владимир Путин најави делумна мобилизација на воените резерви на неговата земја и дека Путин „се обидува да ја уништи Украина“.

Тој рече дека очигледната референца на Путин на подготвеноста на Русија да користи нуклеарно оружје доколку е потребно за да се заштити себеси претставува „неодговорен и циничен обид да се поткопа нашата цврста поддршка за Украина“.

„Овие закани го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност во невиден обем“, рече Борел. „Но, тие нема да ја разнишаат нашата решеност. Тие нема да ја разнишаат нашата решителност, нашето единство да застанеме покрај Украина и нашата сеопфатна поддршка за способноста на Украина да го брани својот територијален интегритет и суверенитет се додека тоа е потребно.

Путин во телевизиското обраќање во средата рече дека мобилизацијата на резервите, која следеше по украинските придобивки во контраофанзивата во североисточна Украина, е неопходна за заштита на татковината и суверенитетот на Русија.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека војската ќе повика 300.000 резервисти.

Путин рече дека Западот се обидува да ја ослаби и уништи Русија и дека неговата земја „ќе ги искористи сите средства што и се на располагање за да ги заштити Русија и рускиот народ“.

„Во својата агресивна антируска политика, Западот ја премина секоја линија“, рече тој. „Ова не е блеф. А, оние кои се обидуваат да нè уценат со нуклеарно оружје треба да знаат дека временскиот план може да се сврти кон нив.“

Британското Министерство за одбрана во четвртокот рече дека руската мобилизација „веројатно ќе биде многу непопуларна кај делови од руското население“ и дека Путин презема „значителен политички ризик со надеж дека ќе ја создаде многу потребната борбена моќ“.

(Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.)

XS
SM
MD
LG