Линкови за пристапност

Османи: Русија трошела пари и во Северна Македонија да влијае врз политиката


Не треба да потпаднеме под таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери кон сопствениот народ и останатите граѓани.“, изјави Османи.
Не треба да потпаднеме под таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери кон сопствениот народ и останатите граѓани.“, изјави Османи.

Руската Федерација има преземено активности за влијание врз политичката сцена во Северна Македонија - надлежните домашни институции имаат детектирано такви чекори.

Информацијата ја потврдија високи претставници на владата откако пред неколку дена Стејт департментот, повикувајќи се на податоци од американската разузнавачка заедница, обелодени дека во изминатите години Русија впумпала повеќе од 300 милиони долари за финансирање политички партии, поединци и функционери во десетици држави низ светот се со цел надворешната политика во тие земји да се обликува според желбите на Кремљ. Шефот на дипломатијата денеска, на прашање на Гласот на Америка, јасно кажа дека властите во Скопје имаат информации за вакви потези на Русија.

Османи потврди за руско мешање во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Глас на Америка: „Дали имате сознанија за ваков тип за влијание и обиди за влијание врз политичари во Северна Македонија преку финансирање политички партии од страна на Русија?“

„Во рамки на оваа информација произлезена од Стејт департментот немаме дополнителна информација по однос на случувањата во нашата држава. Но, од нашите анализи на нашите институции има такво нешто и тоа е комуницирано во неколку наврати дека има обиди за такво вмешување во партиско-политичкиот живот во Северна Македонија.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Глас на Америка: „Значи, имате сознанија и индиции за руско влијание врз политичкиот живот во Македонија преку одредени извори на финансирање?“

„Да“, потврди Османи.

За подетални информации, Османи рече дека се одговорни безбедносните служби, притоа не навлегувајќи во детали кои се политичари можеби се, или се под руско влијание подржано и со пари. Но, на истиот брифинг, само неколку минути подоцна, објаснувајќи зошто за владејачкото мнозинство не е прифатлив каков било референдум против Договорот со Бугарија, нешто што сега и „Левица“ го најавува, Османи навести каде на политичката сцена властите гледаат сериозно руско влијание.

„По однос на Договорот со Бугарија, ниту смее, ниту може да има референдум. Договорот со Бугарија е еден од столбовите на евроатлантска Северна Македонија заедно со Преспанскиот и Охридскиот договор. Еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан и тие не смеат да се случат. Од МНР сум ограничен да коментирам, но за Левица имам свој став – тие не се македонска партија, туку партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД. Не треба да потпаднеме под таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери кон сопствениот народ и останатите граѓани.“, изјави Османи.

Во изминатиот период, особено по почетокот на руската инвазија врз Украина, македонско-руските односи имаат надолен тренд - Скопје целосно се приклучи на западните санкции против Москва, силно ја осуди агресијата, повтори дека ги почитува меѓународно признатите граници на Украина и протера 11 дипломати од руската амбасада со образложение дека „извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи”. Дали овие протерани дипломати биле вклучени во активности за придобивање на домашни политички партии и политичари, засега нема информации.

XS
SM
MD
LG