Американскиот претседател Барак Обама го повика Конгресот да го усвои неговиот предлог-закон од 447 милијарди долари за поттикнување на економскиот растеж и враќање на луѓето на работа.
На американскиот народ му е потребна помош, а на економијата импулс, рече денес Обама во обраќањето од Белата куќа. Економијата е премногу кршлива за да дозволиме политиката да се испречи на патот, кажа првиот човек на САД.
Обама очекува таканаречниот Акт за американски работни места да помогне 1,9 милиони луѓе да се вратат на работа: учители, пожарникари, полицајци, градежни работници... Тој додаде дека економскиот растеж несомнено успорил и предупреди на уште поголеми проблеми од сегашниве доколку законот не биде усвоен.
Сенатот, како што најави Обама, ќе гласа за законот наредната недела и ги повика пратениците да го усвојат, затоа што со тоа би реагирале достојно на важноста на моментот. За предлозите на републиканците доставени во Конгресот, пак, Обама смета дека не го содржат потребното за поттикнување на економијата.
Републиканците, пак, го критикуваа предлогот на Обама. Нивниот водач во Сенатот, Мич Меконел обвини дека претседателот и демократите применуваат една-иста реторика што Американците буквално со години ја слушаат.