Линкови за пристапност

Обама го прати законот за нови работни места до Конгресот


Обама го прати законот за нови работни места до Конгресот
Обама го прати законот за нови работни места до Конгресот

Претседателот повика на усвојување, без одложување и политички надмудрувања

Американскиот претседател Барак Обама и формално побара од Конгресот да ја усвои неодамна најавена легислатива од 447 милијарди долари за отварање работни места и намалување на стравот од втора рецесија во најголемата економија во светот.

Од Белата куќа, претседателот рече дека ќе ја испрати легислативата до Конгресот и дека законодавците би требало веднаш да ја усвојат – без одложување и политички игри.

Тој рече дека со легислативата се намалуваат даноците за малите бизниси и работниците од средната класа, им се помага на учителите, полицајците и ветераните, а и се финансираат вработувања на работници од областа на градежништвото. Во предлогот се вклучени иницијативи за враќање на работниците за поправка и модернизирање на патиштата, железничките линии, аеродроми, пристаништа и најмалку 35.000 училишта.

Претседателот Обама го најави својот план познат како „Американски Акт за отварање работни места“ за време на излагањето пред двата дома на Конгресот во четвртокот.

Тој рече дека ќе го претстави планот за намалување на дефицитот до следниот понеделник, и кој треба да објасни како заложбите на неговата администрација планира да ги покријат трошоците.

Многумина критичари на законот се скептични и изјавуваат дека ваквата легислатива ќе има ефект како и претходниот „економски стимулативен пакет“, и само дополнително ќе го зголеми националниот долг. Но, претседателот Обама во понеделникот рече дека легислативата е целосно исплатлива и нема да придонесе за зголемување на националното задолжување.

Претседателот ќе патува за Охајо и Северна Каролина и ќе го промовира законот во текот на неделава.

XS
SM
MD
LG