Американскиот претседател Барак Обама денес престојува во Денвер, сојузната држава Колорадо, во рамки на турнејата за промоција на предлог-законот за работни места. Истовремено, тој собира средства за кампањата за реизбор наредната година.
Во последните неколку недели Обама интензивно бара од Американците да извршат притисок врз своите конгресмени да го изгласаат предлог-законот за работни места што за таа цел предвидува 447 милијарди долари. Тој воедно притиска Конгресот да го одобри планот за намалување на дефицитот, за кој тврди дека ќе ја снижи невработеноста.
Белата куќа објави видео-снимка на која градоначалникот на Денвер Мајкл Хенкок вели дека лицата на јавни функции треба да ги остават разликите настрана и да ги вратат луѓето на работа.
Обама ја привршува тридневната кампања по пет градови за која се проценува дека ќе му донесе милиони долари пред петок - крајниот рок за собирање изборни средства во овој квартал.
Со оглед дека рејтингот му е во опаѓање, Обама се одлучи да примени нов, поагресивен тон во кампањата и да појде поенергично против жестокиот отпор што му го пружаат републиканците.