Линкови за пристапност

Влијанието на 11-ти септември врз малите градови во САД


Влијанието на 11-ти септември врз малите градови во САД
Влијанието на 11-ти септември врз малите градови во САД

Њујорк, Вашингтон и поле во Пенсилванија беа места кои го искусија главниот удар од терористичките напади на 11 септември 2001-ва. Но во свет поврзан со масовни комуникациски медиуми и интернет, дури и луѓето далеку од главната сцена, во мали градови и рурални делови, почувствуваа шок, лутина и тага. Еден од таквите места градот Накодочес во источен Тексас.

Синди Грејсон, продавачка, пејачка и текстописец, живее во малото градче Накодочес делумно заради тоа што сака да биде настрана од стресот од големите градови. Таа ги следи вестите, но војната и неизвесноста се чини дека се предалеку.

„Свесни сме дека нешто се случува, но овде во Накодочес е сосема друг свет“, вели Грејсон.

Сепак, вели таа, терористичките напади од пред 10 години, ги носат страшните настани поблизу до дома.

Грејсон додава дека кога се распадна спеј-шатлот Колумбија врз источниот дел на Тексас на 1-ви февруари 2003-та, парчиња од леталото можеле да се најдат во нејзиниот двор и отпрвин мислела дека се работи за терористички напад.

Многумина од 30-те илјади жители на Накодочес чувствуваат лична поврзаност со американската борба против тероризмот.

Керолин Адамс има двајца синови американската армија. Таа смета дека операциите на САД во Авганистан и неодамнешното убиство на Осама бин Ладен во Пакистан ја намалиле терористичката закана.

„Тој има следбеници, знаеме, но мислам дека тоа што го тргнавме од патот, помогна“, вели Адамс.

Керол Грегори е лекарка во пензија. Таа се прашува дали сите жртви и пожртвуваност во војните навистина придонеле за земјата да биде побезбедна.

„И натаму мислам дека може да се случи повторно. Не сум сигурна дека сме побезбедни“, вели таа.

Еден од надлежните за одржување на безбедноста во Накодочес е полицискиот началник Грегори Совел.

Тој вели дека Накодочес е заштитен подобро од кога и да е порано главно заради финансиските грантови од Одделот за домашна безбедност.

„Во моментов имаме опрема повеќе од кога било порано и тоа софистицирана опрема за град со големина како оваа. Бевме активни во барањето на овие грантови“, вели Совел.

Тој додава дека плановите и ресурсите биле активирани во градчето и за време на ураганите Рита и Ајк.

Во голем дел животот овде е бавен и лесен. Дури и емоционалното влијание од ужасниот ден на 11-ти септември 2001-та, е намалено, според Арчи Мекдоналд, професор по историја на Универзитот Стивен Остин во Накодочес.

Тој вели дека 11-ти септември на крајот ќе биде како секој друг историски датум што го одбележуваме понеформално, како Денот на независноста, на пример.

„Во поново време, на 4-ти јули се забавуваме, како да не се сеќаваме на фактот дека многумина ги дале своите животи поради она што се случило пред 235 години“, вели Мекдоналд.

Со наближувањето на годишнината од нападите во 2001-та, жителите продолжуваат да се надеваат дека тие, нивните заедници и нивната земја и натаму се безбедни.

XS
SM
MD
LG