Со нивото на невработеност во САД од преку девет проценти, младите се соочуваат со тешка конкуренција.
На Универзитетот Калифорнија во Лос Анѓелес студентката Кристин Кан будно го следи пазарот на работна сила.
„Гледам дека понуда на работни места има. Мислам дека како студенти, не сме доволно подготвени за нив“, вели таа.
Кристин студира криминално право и филозофија и почнала помош да бара од специјализирани посреднички агенции.
Тијен Ченг студира информатичка технологија и сметководителство. Тој вели дека неговата потрага по работа во моментов е фрустрирачка.
„Понекогаш не сум ни сигурен што сакам во моментов, но се обидувам да најдам некаде каде ќе можам да стажирам или нешто со скратено работно време“, вели тој.
Економската ситуација не е ни оддалеку розова, но и натаму постојат отворени работни места, вели Кристофер Ленц од Центарот за напредок на кариера во Лос Анѓелес.
„Луѓе напуштаат работа, промовирани се или се селат. Секогаш има некакво движење и се` се сведува на упорност“, вели овој експерт.
Непрофитна организација наречена Операција – Надеж раководи со Интернет - кафе во јужниот дел на Лос Анѓелес. Овде невработени можат да доаѓаат и преку Интернет да аплицираат за работа.
Некои имаат среќа, некои не, но определбата да се најде работа останува.