Центар за ветерани обезбедува психолошка и социјална поддршка за украинските воени ветерани и нивните семејства.
Групата вели дека наредбата на администрацијата на Трамп за замрзнување на странската помош ја принудила да ја затвори својата канцеларија во градот Виница.
Главната канцеларија во Киев сè уште работи, благодарение на приватните донатори.
Ивона Костина претседава со Центарот за ветерани. Таа вели дека прекинот бил неочекуван и силно го погодил проектот.
„Запирањето на финансирањето звучи како прекин на работата. Тоа значи да се запре платниот список и да се спречат луѓето да се вратат на работа“, вели Костина.
Брзо откако претседателот Трамп ја презеде функцијата, неговата администрација нареди замрзнување на 90 дена, со цел да се преиспита целата странска помош.
Белата куќа не одговори на барањето на Гласот на Америка за коментар за помошта за Украина.
Во соопштението на Стејт департментот за спроведување на замрзнувањето се вели, цитирам „САД повеќе нема слепо да трошат пари без враќање за американскиот народ“.
Наглото прекинување предизвика шокови кај хуманитарните организации во Украина. По три години војна, владата, граѓанското општество и медиумите во голема мера се потпираат на странска помош.
Богдан Логвиненко основа независен украински мултимедијален проект. Тој изјави за Гласот Америка дека најголем дел од нивното финансирање е од програмите за помош на САД.
„Ние го намалуваме персоналот. Моравме да го намалиме обемот на нашата работа бидејќи порано имавме неколку програми кои не` поддржуваа во исто време“, вели Логвиненко.
Логвиненко вели дека влијанието на замрзнувањето оди многу подалеку од независните медиуми.
„Влијанието е огромно. Медиумската помош е многу мала. Економската поддршка има огромно влијание, а фактот што таа сега е запрена ја зајакнува позицијата на Русија“, посочува Логвиненко.
Американската агенција за помош соопшти дека од руската инвазија ѝ испратила на Украина повеќе од 7,6 милијарди долари хуманитарна и развојна помош.
Нема сомнение дека јавниот сектор ќе претрпи удар без помошта од САД, вели Денис Бихус, шеф на истражувачки медиумски проект.
Сепак, она што повеќе го загрижува е судбината на државните програми кои најмногу се потпираа на финансирањето.
„Нашиот главен примател на грант во широка смисла е државата Украина, претставена или од локалните заедници или директно од државниот апарат“, посочува Бихус.
Американскиот политички аналитичар Даг Клејн објаснува дека голем дел од странската помош од САД била наменета да се одржи силната влада и општеството на Украина.
Но, исто така, ги поддржува програмите со кои се бара одговорност од владата.
Клејн верува дека стопирањето на замрзнувањето на овие програми ќе ги зајакне политиките на администрацијата на Трамп и ќе создаде поотпорна Украина.
„Трамп сака да го принуди Владимир Путин да ја прекине својата инвазија на Украина и сака да го постигне она што тој и неговиот тим го нарекуваат „мир преку сила“. А силна Украина е клуч за тоа“, вели аналитичарот Клејн.
Во меѓувреме, претседателот Володимир Зеленски ѝ наложи на својата влада да даде приоритет на најкритичните програми кои се потпираа на американското финансирање и за покривање на нивните потреби преку националниот буџет или алтернативните извори на странска помош.
Facebook Forum