Линкови за пристапност

Украина мора да победи, вели амбасадорката на САД во Киев


Од почетокот на руската целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, Бринк рече дека САД издвоиле милијарди долари за воените напори на Украина, сето тоа под, како што вели, строг надзор
Од почетокот на руската целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, Бринк рече дека САД издвоиле милијарди долари за воените напори на Украина, сето тоа под, како што вели, строг надзор

Амбасадорката на САД во Украина Бриџит Бринк ги уверува Украинците дека Вашингтон има намера да им помогне да ја завршат работата како што земјата влегува во уште една година војна против Русија.

Од почетокот на руската целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, Бринк рече дека САД издвоиле милијарди долари за воените напори на Украина, сето тоа под, како што вели, строг надзор.

Во интервју за украинската редакција на Гласот на Америка, американската дипломатка потврди дека САД остануваат посветени на поддршката на Украина, и покрај растечката дебата во Вашингтон и во европските престолнини за иднината на финансирањето на воената помош за земјата.

Интервјуто е уредено за јасност и должина.

Гласот на Америка: Дојдовте во Украина како американска амбасадорка неколку месеци по целосната инвазија на Украина. Во каква состојба беше Украина тогаш, а како е сега?

Бринк: Сметав дека Украина и Украинците се цврсти и издржливи. И денес го гледам токму истото. И навистина сум горда што ја поддржавме Украина. Ние само треба да ви помогнеме да ја завршите работата.

Глас на Америка: Денес, Украина има огромна потреба од воена поддршка. Во Конгресот има одложувања на оваа поддршка. Како им објаснувате на Украинците зошто им треба толку долго на САД да одлучат кога и како ќе ја поддржат Украина?

Бринк: Па, она што им го објаснувам на Украинците е дека има двопартиска поддршка за Украина во Америка и во нашиот Конгрес. Правев јас, како и претседателот и сите во администрацијата правеа се` што е можно, за да му кажат на Конгресот, а исто така и на американскиот народ, зошто е важно да се поддржи Украина. И ние ќе продолжиме да го правиме тоа.

Гласот на Америка: И покрај неактивноста на Конгресот да ја испрати потребната поддршка, Институтот за истражување Пју имаше анкета која покажа дека 73% од Американците ја поддржуваат Украина како национален безбедносен интерес за САД. Двопартиска поддршка, како што кажавте, има и во Конгресот. Дали Украина се гледа како националниот интерес на САД?

Бринк: Апсолутно, да. Како што рече претседателот Бајден, ја поддржуваме Украина да победи во оваа војна, осигурувајќи дека тоа е стратешки пораз за Путин. И мислам дека има широка поддршка за тоа во Конгресот и меѓу американскиот народ.

Глас на Америка: Конзервативните гласови во Конгресот бараат одговорност за американската помош за Украина. Американски инспектори неодамна го посетија Киев. Можете ли да ни дадете некој увид за тоа како поминаа нивните ревизии? Како се одвива процесот на одговорност овде во Украина?

Бринк: Можам да ви кажам дека го следиме многу одблизу од амбасадата. Околу една третина од мојот тим е посветен на надзор. Имаме и тројца генерални инспектори кои се и во амбасадата. И тие имаат персонал од 400 луѓе ширум светот. Значи, има надзор, од Украинците, од нас во амбасадата, но и генерално.

Гласот на Америка: Дали имаат пристап до објектите каде што се чува тоа оружје и друга муниција?

Бринк: Тие имаат пристап до секое место до кое можеме физички да стигнеме, и до места каде што не можат да имаат пристап, на пример, на фронтот, развивме некои алтернативни средства за отчет за работи, како за оружје.

Глас на Америка: Кои се тие алтернативни средства?

Бринк: Веројатно не можам да кажам конкретно, но најдовме начини на кои можеме да се придржуваме до политиките и законот, без да ги ставаме луѓето во ризик.

Гласот на Америка: Во последните две години, САД многу воено и помогнаа на Украина, но многу пари всушност остануваат во САД, во руралните заедници кои го произведуваат тоа оружје. Дали имате некои сознанија за тоа како се трошат парите?

Бринк: Всушност, парите што ги даваме за Украина се трошат во 31 сојузна држава низ целата земја, а тоа ги вклучува и ракетите патриот во Аризона. Вклучува артилерија во Пенсилванија. Вклучува дури и возила од мојата родна сојузна држава Мичиген. Значи, ова, исто така, е многу важно за Американците и американските работни места, додека ја поддржуваат и Украина.

Глас на Америка: Украинската економија, и покрај војната и значителниот пад, преживеа. САД многу помогнаа. Каква е перспективата за наредната година за украинската економија, од ваша перспектива? И каков нов механизам планирате да користите за да ѝ помогнете на Украина да преживее економски?

Бринк: Ова е всушност, можеби, еден од најголемите успеси што Украина ги имала надвор од воената сфера. Вашата економија, украинската економија, порасна за 5% во последната година. Тоа е феноменално. Голем дел од тоа е украинската способност да продолжи со извозот. И тоа беше направено, иако Русија се повлече од иницијативата за жито во Црното Море. Преку неверојатно храбри и креативни напори, беше создаден нов коридор надвор од пристаништата на Црното Море. Сега безбедно испловија 760 бродови и над 23 милиони метрички тони стока. И тоа е важно за светот бидејќи излегува жито и други резерви, но, исто така, многу важно за економијата на Украина.

Гласот на Америка: Какво е вашето размислување за следната година, за Украина и за регионот?

Бринк: Тоа е исто како кога почнав. Украина мора да победи. САД, заедно со партнерите и сојузниците, ќе продолжат да ги поддржуваат Украинците во оваа цел. А тоа значи враќање на нивните територии, приближување кон Европа, кон ЕУ и на крајот до НАТО. Да се придвижи кон она што го сакаат Украинците, а тоа е суверена, независна, просперитетна земја, која е интегрирана во евроатлантските институции, која ќе биде силен и важен партнер на САД. И тоа е она што ние го поддржуваме.

Ана Черникова придонесе за интервјуто

Поврзано

XS
SM
MD
LG