Линкови за пристапност

Мора да се натера Русија да плати за својата агресија, изјави Дејвид Камерон


Слични забелешки на првиот ден од дводневниот состанок на Г20 имаа и првите луѓе на САД, Австралија, Канада, Германија, Италија, Франција и Норвешка
Слични забелешки на првиот ден од дводневниот состанок на Г20 имаа и првите луѓе на САД, Австралија, Канада, Германија, Италија, Франција и Норвешка

Западните министри за надворешни работи на Г20, што вчера се состанаа во Бразил, ја нападнаа Русија за нејзината инвазија на Украина додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров слушаше, изјавија дипломати.

„Мора да се натера Русија да плати за својата агресија“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон на затворената седница, соопшти неговиот кабинет.

Слични забелешки на првиот ден од дводневниот состанок имаа и првите луѓе на САД, Австралија, Канада, Германија, Италија, Франција и Норвешка.

Норвешкиот министер за надворешни работи изјави за новинарите дека Лавров смирено одговорил на забелешките на Камерон со „збир на алтернативни факти“ за настаните во Украина.

Лавров не зборуваше со новинарите.

Оправдувањето на Русија за нејзината „специјална воена операција“ во Украина, која започна пред две години, првично беше „денацификација“ на Украина.

Неодамна, Москва нагласи дека треба да се брани од западната агресија.

Состанокот беше закажан за да се подготви агендата за самитот на Г20 во ноември.

На самитот во септември, лидерите на Г20 усвоија декларација со која избегнуваа да ја осудат Русија за војната во Украина, но ги повикаа сите држави да не користат сила за да заземаат територија.

Камерон, исто така, ја истакна смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во руски затвор минатата недела.

Норвешка вели дека седницата на Г20 во Рио главно се фокусирала на конфликтите во Газа и Украина.

„Мораме да ја поддржуваме Украина додека не излезе како слободна и независна суверена земја без друга армија на нејзина територија“, рече норвешкиот министер на состанокот.

Министрите кои зборувале на состанокот се согласиле за потребата од решение за две држави на Блискиот Исток, но немало консензус за тоа како тоа да се постигне.

Бразил, овогодинешниот претседател на Г20, го отвори состанокот на министрите за надворешни работи обвинувајќи ги Обединетите нации и другите мултинационални тела за неуспехот да ги запрат конфликтите кои убиваат невини луѓе.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула де Силва во Бразилија на пат за состанокот во Рио и изрази поддршка на САД за агендата на Бразил да го направи глобалното управување поефективно.

Највисокиот американски дипломат разговараше за војната на Израел во Газа со Лула во услови на дипломатски расправии, откако бразилскиот лидер ја спореди израелската војна со нацистичкиот геноцид за време на Втората светска војна, изјави американскиот портпарол за новинарите.

Обвинувањата на Лула минатата недела за злосторствата на Израел во Газа предизвикаа дипломатска криза со израелска опомена и Бразил со отповикување на својот амбасадор.

XS
SM
MD
LG