Линкови за пристапност

Русија во фокус на политичката дебата во САД по смртта на Навални


Жена му оддава почит на Алексеј Навални во Санкт Петербург, Русија, 21 февруари 2024 година. Навални, најпознатиот руски опозициски лидер, почина во затвор на 16 февруари, на 47 години
Жена му оддава почит на Алексеј Навални во Санкт Петербург, Русија, 21 февруари 2024 година. Навални, најпознатиот руски опозициски лидер, почина во затвор на 16 февруари, на 47 години

Русија зазеде централно место во американската политичка дебата по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, ставајќи ги републиканците во Конгресот под зголемен притисок да ја поддржат Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден во своите неодамнешни изјави истакна една од разликите меѓу него и неговиот противкандидат, поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.

На неодамнешниот митинг, Трамп рече дека ако тој бил претседател и членка на НАТО не ги исполни своите финансиски обврски кон безбедносниот блок, тој нема да го заштити тој сојузник.

„Всушност, би ги охрабрил“ - значи Русија - „да прават што по ѓаволите сакаат“, рече Трамп.

„Секој претседател од Труман е цврст поддржувач на НАТО, освен Доналд Трамп“, се вели во реклама објавена оваа недела од кампањата на Бајден.

„Трамп сака да си замине од НАТО. Тој дури им даде зелено светло на Путин и Русија да ги нападнат американските сојузници. ... Ниту еден претседател никогаш не кажал нешто слично. Тоа е срамно. Тоа е слабо. Тоа е опасно. Тоа е неамериканско“.

Поделбата дополнително се зголеми по смртта на Навални минатата недела во руски затвор.

Бајден брзо се закани со строги санкции за смртта на 47-годишниот во казнена колонија на Арктикот, за која руските власти велат дека била предизвикана од „синдром на ненадејна смрт“.

„Факт е дека Путин е одговорен“, рече Бајден.

„Без разлика дали го наредил, тој е одговорен за околностите во кои го ставиле тој човек. И тоа е одраз на тоа кој е тој. Тоа едноставно не може да се толерира“.

Кремљ соопшти дека тврдењето на Бајден е „неосновано“ и „дрско“, но властите не ѝ одбија пристап на мајката на Навални до неговото тело.

Трамп и неговата Републиканска партија зазедоа поинаков став, при што Трамп рече дека нема да го поддржи НАТО толку цврсто како Бајден.

И, во неодамнешниот настан на „Фокс њуз“, тој се покажа како жртва на политички прогон, како Навални.

„Тоа е ужасна работа, но тоа се случува и во нашата земја“, рече Трамп во вторникот вечерта.

Трамп беше нејасен за тоа како ќе ја заврши војната, велејќи дека ако тој бил претседател, Путин никогаш немал да ја нападне Украина.

Републиканците станаа погласни во прашањето зошто треба да го финансираат конфликтот.

Руските сили неодамна го зазедоа клучниот украински град Авдивка, на што Белата куќа посочува како доказ дека на украинските сили им е потребна итна помош.

Апелирајќи до членовите на Конгресот да донесат пакет помош од 60 милијарди долари за Украина, советникот за национална безбедност Џејк Саливан тврди дека е „во нашиот национален безбедносен интерес да ѝ помогнеме на Украина да се спротивстави на злобната и брутална инвазија на Путин“.

„Од историјата знаеме дека кога диктаторите не се запрени, тие продолжуваат“, им рече Саливан на новинарите оваа недела на брифингот.

„Трошоците за Америка се зголемуваат, а последиците стануваат сè потешки за нашите сојузници во НАТО и на други места во светот“.

Некои републиканци се уверени дека ќе го поминат закочениот пакет помош од 95 милијарди долари, од кои повеќето се наменети за Украина.

„Мислам дека бавниот одговор од Европа и САД, се разбира, ѝ штети на Украина“, рече републиканскиот конгресмен Брајан Фицпатрик при неодамнешната посета на Украина.

„И затоа не можеме да дозволиме ова да се случи“.

Во меѓувреме, како што Украина се приближува на втората годишнина од инвазијата и помошта од САД виси на конец, војната доби поголемо симболично значење.

„Ова почна да се однесува за Америка“, изјави новинарот и автор Петер Померанцев за руската редакција на Гласот на Америка преку Скајп.

„Дали Америка ќе продолжи да ја игра улогата на сила која ги исполнува своите ветувања, која ги почитува своите сојузи и која е способна да проектира сила? Или Америка заврши како сериозна сила? Тоа е прашањето сега“, рече тој.

„Веќе не се работи за Русија или Украина. Сега сите очи на светот се насочени кон Америка, а начинот на кој Америка ќе одлучи ќе има епски последици“.

Дописникот на Гласот на Америка Рафаел Р. Сакјан, придонесе за текстот

XS
SM
MD
LG