Линкови за пристапност

Судството треба да почне да ја работи својата работа и да започне истрага


„Мислам дека е релативно голем потрес за нашата политичка сцена и судскиот систем. После ова, политичката кариера на Груби и судската кариера на судијата Беџети нема да има голема иднина“, рече Марко Трошановски-претседател на Институт за демократија.

Вака Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија го оценува ставањето на поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби и Енвер Беџети, судија во Апелaциониот суд на Северна Македонија, на црната листа на Стејт департментот на САД.

„Ставањето на црна листа на функционери немаат никакви импликации врз нашиот правен систем, односно немаме обврска да постапуваме по истите, меѓутоа тоа е силна индиција дека нешто е длабоко и труло во судскиот систем, кој не постапил досега по вака високи сомнежи за криминал и кривични дела. Тежината на американското влијание особено во албанскиот електорат е многу големо“, рече тој.

Тие се само дел од низата поранешни, па и се уште актуелни високи функционери кои досега се најдоа на црната листа на американскиот Стејт департмент. Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека досегашното искуство зборува оти и покрај ваквите сериозни наводи, домашните институции, досега не одговориле соодветно на нив.

„Дури би рекла дека има и одредено потсмевање на таквите одлуки што е жалосно да се случуваат вакви состојби. Ако некој од надвор кој нема апсолутни никаков интерес да презентира недоверба кон лицата кои се ставени на таа црна листа, не се прифаќа како добронамерно или понатаму да треба да се врши таа некоја одредена истрага, зошто, како, што... Ова е како едно укажување, но ние после тоа укажување ништо не сме направиле. И, мислам дека не е во ред таквото однесување“, рече Николовска.

Она што сега му останува на македонското судство вели Трошановски, е да почне да ја работи својата работа и да започне истрага.

„Да видиме кои се тие цврсти докази што ја натерале Америка да ги стави Груби и судијата на црна листа. Она што знаеме од претходните случаи е дека не се постапува по ниеден случај, многу пати. Обвинителството не се одважи да го побара пакетот на докази, кои што ги поседува Америка и врз основа на кои овде може да отвори истрага, дури некогаш може да се скокне пред истрагата, ако тие се доволно силни, а верувам дека се“, вели Трошановски.

За ваквите одлуки на Стејт департментот, Цаца Николовска вели дека треба да се сфатат најдобронамерно од домашните судски органи.

„Треба да се поттикнат истражните органи, зошто е таквата одлука донесена и што тоа лице има направено. Точно е има одредени процеси за некои лица, но не за сите лица и повторно идеме до ситуација на селективен пристап, кај едните ќе видиме судски процеси, а кај другите ќе се правиме дека ништо не се случило“, вели Николовска.

Како пример, актуелниот струшки градоначалник Рамиз Мерко, кој на американската црна листа беше ставен на 20 јуни 2023 година, на обвинителна клупа седна дури во април 2024, што значи цели 10 месеци по одлуката на официјален Вашингтон. Против него во моментот се активни осум случаи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG