Линкови за пристапност

Артан Груби се повлекува од јавниот живот – вели „чист сум како солза“, власта бара одговорност и од Ахмети


Поранешниот прв-вицепремиер во Владата на Северна Македонија Артан Груби, во салата за состаноци на Владата на Северна Македонија, во Скопје, Северна Македонија, 1 август, 2023 година.
Поранешниот прв-вицепремиер во Владата на Северна Македонија Артан Груби, во салата за состаноци на Владата на Северна Македонија, во Скопје, Северна Македонија, 1 август, 2023 година.

Артан Груби се повлекува од јавниот живот. Екс-првиот вицепремиер одлуката ја објави на социјалните мрежи два дена откако Стејт департментот го стави на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција. Вели дека нападите кои ги трпел во годините го „натерале да размисли за неговата улога во овој важен момент за земјата и за нејзината иднина“.

Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет
Артан Груби

„Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бог, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничиј политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети,“, пишува Груби во објавата.

Понатаму, вели дека секогаш ќе остане посветен на вредностите и дека ќе биде покрај ДУИ, како граѓанин и како поддржувач на општото добро, а за Ахмети смета дека останува најголема надеж за Албанците и сите граѓани во земјата.

Токму Ахмети вчера изјави дека ДУИ не ги спори одлуките на Стејт департментот и дека Груби, неговиот долгогодишен најблизок соработник, ќе го води процесот со факти, притоа спомнувајќи го правото на жалба.

За ваквиот потег на „моќникот на ДУИ“, како што Груби беше нарекуван, денеска реагираше владејачката партија. ВМРО-ДПМНЕ не се задоволува само со заминувањето на Артан Груби, се бара одговорност и од Ахмети.

Артан Груби се повлекува од јавноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

„ДУИ се поразени, Груби не е доволно да си замине од политиката туку да ги врати парите за кои се сомничи за криминал. Воедно потребна е одговорност на сите оние кои во ДУИ му даваа политичка поддршка и СДС кои му беа оперативци во криминалот. Артан Груби не бил сам во случаите на сомнежи за криминал. Тој имал свои соучесници кои мора да одговараат. Не е можно Артан Груби да се сомничи за криминал, а Али Ахмети да е чесен. Треба да одговара и Ахмети за сето она што им го направи на граѓаните на Македонија и Албанците кои ги злоупотребуваше и се богатеше на нивен грб како и Македонците кои здружно со СДС ги крадеа“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Груби, заедно со судијата Енвер Беџети се најдоа на „црната листа“ поради примање поткуп за да се поткопаат судски процеси против поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во конкретни детали не сакаше да навлегува ниту американската амбасадорка на прес-конференцијата по објавувањето на информацијата за новите чекори на Вашингтон.

„Нема да навлегувам во детали за доказите кои беа обезбедени, доволно е само да кажам дека беа многу јасни и неоспорни. Доказите се разгледуваат многу, многу внимателно и дури откако ќе има драматичен доказ за погрешно постапување се назначуваат поединци. Значи, иако не можам да навлегувам во поединостите, беше многу јасно“, рече во вторникот амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела Агелер.

Ден по одлуката на Стејт департментот, Јавното обвинителство информираше дека е оформен предмет за поранешниот прв вицепремиер Артан Губи и судијата Енвер Беџети. Предметот, поради сериозноста на наводите го оформил Јавниот обвинител Коцевски, и тој веќе е проследен до надлежно обвинителство за натамошно прибирање докази.

XS
SM
MD
LG