Итно постапување по наводите на Стејт департментот на САД треба да биде следен чекор на македонските правосудни органи, по ставањето на Артан Груби, поранешниот прв вицепремиер во македонската Влада, и судијата Енвер Беџети, на американската „црна листа“ вели за Гласoт на Америка на македонски, Билјана Ивановска, поранешен прв човек на Антикорупциската комисија.
„Фактите врз основа на кои што Стејт департментот ги става личностите на „црната листа“ се влечат од документи кои се наоѓаат во нашата земја, што значи дека се им е достапно на нашите институции. Треба час поскоро да преземат активности односно да постапуваат и да ги докажат делата поради кои се ставени на црната листа, односно делата кои се казниви по нашите закони“, вели Ивановска.
Прашањето сега не е кои се следните чекори кои треба да се преземат, бидејќи тие се јасни, туку зошто не се преземале чекори, дури и откако странски држави имаат собрано докази дека македонски државјани се инволвирани во корупција и организиран криминал, вели Дарко Аврамовски од Коалицијата за правично судење.
„Во конкретниот случај за судијата Беџети, и Судскиот совет имаше прилика да одлучува претходно, а и самите тие имаа констатирано дека со дејствијата на судијата, е застарен прилично важен предмет, меѓутоа санкцијата за дејстивјето на судијата беше минимална, односно реакцијата на Судскиот совет беше во одредена мерка колку да не се каже дека нема реакција, бидејќи за иста таква практика, сме имале предмети каде судии биле разрешени дури и за многу помали повреди на постапката, вели Аврамовски.
Ова покажува дека македонското судство е реактивно и тромаво, вели Аврамовски.
„Дека нашите органи немаат содоветен капацитет да реагираат навремено, пред тоа да го направи некоја странска држава, наместо нас. Ова не е прво и единствено лице кое е на „црна листа“ на САД, а се` уште во домашниот правен промет, не сме виделе некоја значајна пресуда, која ги санкционира ваквите поведенија“.
И Ивановска смета дека сето ова е доказ за нефункционалноста на правосудниот систем. На многу од предметите работеле како ДКСК, и укажувала своевремено.
„На пример за градоначалникот на Струга Рамис Мерко, ние уште во 2019 година, имавме иницијатива за кривично гонење против него, но ете поминаа четири години, американскиот Стејт департмент да каже овој човек заслужува да биде на „црна листа“, па уште една година да помине па нашите институции да се свестат“, вели Ивановска.
Порачува да се забрзаат постапките, меѓу нив и за оние лица кои се наоѓаат на „црната листа“ на САД.
„Со тоа да покажат дека корупцијата е неисплатлива. Вака како што стојат работите, ги охрабруваат корумпираните личности да продолжат со нивното делување. Затоа сметам дека час поскоро треба не само да постапуваат, туку и ефикансо да постапуваат“.
Ставањето на „црната листа“ на САД, на било кој судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, велат од Здружението на судии.
Додаваат дека случајот мора бргу да се расветли, бидејќи интегритетот и етичкото однесување на судиите се од неприкосновено значење и оти не смее да се дозволи да се наруши нивниот углед.