Во главниот град Киев и на други места во Украина, луѓето се прашуваат и се загрижени за исходот од изборите во САД и како тоа ќе влијае на нивната татковина погодена од војна. Некои жители, како што е Анхелина, изразуваат надеж.
„Имам очекувања дека ќе не поддржи идниот претседател. Нашата политика, нашите воени дејствија”, вели Анхелина.
Други жители, како Дмитро, се загрижени.
„Се прашувам кој ќе победи и општо каква ќе биде политиката кон нашата држава. Тоа е она што ме интересира. Дај Боже и двајцата да не поддржат”, вели Дмитро.
Најголемиот страв е дека новата американска администрација ќе ја прекине поддршката и ќе се откаже од Украина во нејзината борба против Русија, вели политичкиот аналитичар Микола Давидиук.
„Претворањето на некогаш демократска држава во автократија чини милиони смртни случаи. И од ова се плаши земјава", смета Давидиук.
По две и пол години војна, клучен фактор што влијае на моралот во Украина е неизвесноста за тоа што ќе дојде под новата администрација на Белата куќа.
Трамп ветува брзо завршување на војната, а многумина стравуваат дека тоа значи дека Украина ќе биде принудена да направи премногу отстапки доколку тој се врати на функцијата.
Во исто време, Украинците се сеќаваат дека Трамп како претседател ја одобри продажбата на противтенковските системи Џавелин кои и помогнаа на Украина да се бори против Русија на почетокот на инвазијата во полн обем.
Администрацијата на Обама-Бајден го отфрли барањето на Украина за тоа оружје во 2014 година, кога Русија го нападна Крим и зазеде голем дел од регионот Доњецк во источна Украина.
Но, чувствата меѓу Украинците се измешани за некои, како Свитлана, кои се плашат од победата на Трамп.
„Трамп е чуден човек и има прилично чудни мисли”, вели Свитлана.
Други пак, како Иван, наоѓаат уверување врз основа на искуството од минатото.
„Трамп веќе беше претседател, неговите методи се познати и мислам дека нема од што да се плашиме”, смета Иван.
Соединетите Американски Држави под администрацијата на Бајден беа дарежливи со Украина, трошејќи 175 милијарди долари за да ја поддржат од почетокот на целосната инвазија. Но, постои фрустрација меѓу лидерите на Украина кои велат дека помошта бавно пристигнува.
„Руската армија сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме залихи од нашите партнери, особено од САД. И токму поради тоа брзината на испораките значи стабилизирање на военото поле”, рече Зеленски.
Аналитичарите велат дека доколку биде избрана, политиката на Камала Харис најверојатно ќе биде како онаа на Бајден, а изгледите за континуитет се смирувачки за некои. Но, тоа ги прави другите нервозни што војната може да се одолговлекува.
Анкетата на Центарот „Разумков“ во Киев покажа дека 44 отсто од анкетираните Украинци сметаат дека Украина и Русија треба наскоро да започнат мировни преговори, но повеќето испитаници велат дека условите на Путин се неприфатливи.
Со зголемување на заморот меѓу главните поддржувачи на Украина во Европа, многумина овде ги гледаат американските избори како спас повеќе од кога било, иако не е сосема сигурно.
Facebook Forum