Линкови за пристапност

Сиљановска-Давкова:  Прашањето ‘Дали ќе го смените Уставот’, ме навредува како претседателка


Уставни измени со одложено дејство, консензус за националните прашања, борба за владеење на правото, реформа на судството, задржување на младите во земјата. Тоа беа главните пораки на шефицата на државата во нејзиното прво годишно обраќање во Собранието

Уставни измени со одложено дејство, консензус за националните прашања, државните да бидат над партиските интереси, борба за владеење на правото, реформа на судството, задржување на младите во земјата. Тоа беа главните пораки на шефицата на државата во нејзиното годишно обраќање во Собранието, прво откако во мај годинава ја презеде функцијата.

Голем дел од говорот кој траеше повеќе од еден час беше и за односот на ЕУ кон Македонија во процесот на пристапување, како и условот за отворање на преговарачките кластери – промена на Уставот.

„Морам да кажам дека прашањето ‘Дали ќе го смените Уставот’, ме навредува и како професорка и како претседателка. Мојот одговор: прашањето е надвор од ЕУ уставните норми, а јас не можам и не смеам да гарантирам уставни промени, оти не сум апсолутен монарх кој не ја почитува поделбата на власта и параламентарната демократија. Уставот го носите и менувате само вие, кои ги претставувате граѓаните и гласате по вашето сопствено, а не по моето уверување. Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на Преговарачката рамка, односно Заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било вин решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите“, рече Сиљановска Давкова.

Претседателката ја повика Унијата да преземе храбар исчекор како оној во 2004 година со што ќе реинтегрира регионот на Западен Балкан и ќе се стави крај на нестабилноста и кризите. Во истиот контекст Гордана Сиљановска-Давкова предупреди на, како што ја нарече, опасноста од билатерализација на процесот на проширување.

„Билатерализацијата на евроинтеграцијата не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување. Балканот е родното место на преседаните. А секој штетен преседан станува правило. Билатерализацијата нема да заврши со нас напротив, се плашам дека ќе биде инспирира нови случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето како најважна геостратешка инвестиција на ЕУ во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Балканската пандорина кутија ќе стане европска пандорина кутија“, посочи Сиљановска-Давкова.

Позицијата на претседателката е дека обединување е неопходно за полесно да се изоди патот кон полноправното членство. Формулацијата која ја употреби беше „добророганизиран оркестар“.

„Верувам дека патот кон Брисел, додаде таа, може да се изоди полесно и побрзо ако сите ние - претседателот, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите, функционираме како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно е симфонијата „владеење на правото“ со која треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел. Но, на членовите на оркестарот, како и на публиката им е потребна заслужена стандардна валоризација на стореното од страна на европските евалуатори, низ призма на најважните конститутивни документи на ЕУ“, посочи претседателката.

Опозицијата, по настапот на Сиљановска – Давкова, порача дека е подготвена да учествува во креирањето на државните цели – мнозинството пак се сомнева дали е тоа остварливо во практитка.

„За да имаме единство, треба да имаме дијалог. А за тоа некој ќе треба да нè повика“, рече Оливер Спасовски од СДСМ.

„Она што го потенцира претседателката како нејзина заложба – опозицијата да се вклучи во еден национален консензус е добра замисла, но не знам дали би била остварлива“, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

И претходниците на Сиљановска-Давкова, исто како и таа денеска, во своите настапи во минатото повикуваа на обединување за државните приоритети. Но, тоа, досега, не се случи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG