Присуството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп е позитивна порака, која покажува дека САД на Северна Македонија гледаат како на посериозен стратешки партнер, вели аналитичарот Петар Арсовски. Аналитичарот, Џелал Незири, вели дека тоа е од големо значење за држава, како што е Северна Македонија.
„Но мислам дека не треба да очекуваме спектакуларни решенија од оваа посета од неколку причини. Прво се работи за протоколарен настан. Трамп допрва ќе ја одредува својата надворешна политика. Второ САД во наредниот период повеќе ќе бидат фокусирани на глобалните проблеми, војните во Украина и на Блискиот Исток, тензиите во односите со Кина и Русија“, вели Арсовски за Гласот на Америка.
„Македонија е мала држава во еден регион со големи проблеми, така што поканата за еден премиер на таква мала држава, да присуствува на толку голем настан во САД е потврда дека интересот на САД за регионот, но конкретно и за Северна Македонија, останува на високо ниво и со тоа и безбедноста, демократијата, економскиот и социјалниот развој, остануваат загарантирани од страна на САД“, вели Незири за Гласот на Америка.
А премиерот Мицкоски во интервју за државната агенција МИА најави дека во Вашингтон ќе има средби со високи претставници и водечки луѓе од американската администрација и новата администрација на Трамп, со кои биле предвидени разговори за теми што сака, како што вели, да ги отвори и да ги затвори.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинаква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието“, наведува премиерот Христијан Мицкоски.
Незири смета дека најавените средби на Мицкоски, можат да донесат многу придобивки за Северна Македонија. Oваа посета освен од дипломатско значење е важна и од безбедносен аспект, но и од аспект на интегрирање на државата во ЕУ, и решавање на сите проблеми, кои стојат на тој пат, вели Незири.
„Со ова мислам дека Мицкоски може да побара и најверојатно ќе побара поголем ангажман од САД, да се одблокира процесот на интегрирање на земјата во ЕУ. Тоа значи гаранции од Бугарија, дека по изгласувањето на уставните измени нема да поставува повеќе блокади“.
Но, Петар Арсовски смета дека Балканот нема да им биде прв приоритет, на новата администрација во Вашингтон.
„И понатаму мислам дека самата македонска дипломатија не е самата подготвена за тоа што да побара од администрацијата на Трамп. Вие кога имате таква можност, со голема сила, вие треба да сте подготвени целосно. Тука пред се мислам на конкретните придобивки од потпишаниот Договор за стратешко партнерство, кој ние не сме го искористиле до крај. Можеби некаков сериозен план за помош за евроинтеграциите и откочувањето на проблемот со Бугарија. Можеби некакви дополнителни стратешки партнерства или стратешки односи со САД. Но тоа се треба да биде подготвено, на начин, на кој американската администрација, само ќе каже да“.
Мицкоски во Вашингтон заминува на 18 јануари, два дена пред најавената инаугурација на Доналд Трамп за претседател на САД.