Главната извршна директорка на Американската агенција за глобални медиуми рече дека агенцијата што таа ја предводи игра клучна улога на глобално ниво во овозможување на публиката пристап до веродостојни и непристрасни вести во авторитарни режими.
„Ние сме на точка на пресврт“, рече Аманда Бенет во подготвеното сведочење пред Поткомитетот за надворешни односи на Сенатот, кој ги надгледува Стејт департментот и другите меѓународни активности.
„Авторитарните режими користат малигно влијание, дезинформации, пропаганда и манипулација со информации за да го затворат протокот на информации и да ги поткопаат оние кои бараат информации засновани на факти за светот околу нив. Владите на Народна Република Кина, Иран и Русија често работат заедно да го засилат нивното малигноно влијание“, рече таа.
Американската агенција за глобални медиуми проценува дека 394 милиони луѓе имаат пристап до нејзините програми секоја недела. Федерално финансираната агенција надгледувана од Конгресот на САД се состои од два федерални ентитета - Гласот на Америка и Канцеларијата за радиодифузија на Куба, како и четири непрофитни организации: Радио Слободна Европа/Радио Либерти, Радио Слободна Азија, Радиодифузни мрежи на Блискиот Исток и Отворен технолошки фонд.
Бенет рече дека Американската агенција за глобални медиуми е изградена за овој момент со повеќе од 4.000 медиумски партнери ширум светот кои се спротивставуваат на влијанието на државните медиуми.
Според Американската агенција за глобални медиуми, програмите на РСЕ и Гласот на Америка биле прегледани 8 милијарди пати на руски и украински во годината по руската инвазија, а 1 од 4 возрасни Иранци користеле алатки поддржани од Отворен технолошки фонд за пристап до информации.
„Ова е најважното време за оваа агенција од Студената војна, а можеби и од Втората светска војна“, рече Бенет.
„Американската агенција за глобални медиуми мора да биде позиционирана да биде постојано конкурентна во денешниот опасен свет на манипулации со информации и големи инвестиции од авторитарни режими и други лоши актери“.
Агенцијата бара 944 милиони долари
Американската агенција за глобални медиуми побара 944 милиони долари за фискалната 2024 година, што е зголемување од 59 милиони долари во однос на тековната година. Некои законодавци се сомневаат дали агенцијата добро го користи финансирањето на даночните обврзници.
„Имаме многу отворен систем“, рече демократскиот сенатор Бен Кардин, споредувајќи ги мрежите на Американската агенција за глобални медиуми со државно финансирани медиуми.
„Ние многу внимателно ја чуваме новинарската независност на вашата агенција, и ќе го направиме тоа“.
Американската агенција за глобални медиуми претрпе структурни промени насочени од Сенатот во последниве години за да одговори на различните приоритети меѓу ентитетите, технолошките пречки, владината бирократија и ниското финансирање во споредба со медиумите финансирани од влади во другите земји.
Претходно оваа година, претседателот на Претставничкиот дом за надворешни работи Мајкл Мекол изрази загриженост за практиките на вработување и можна цензура на Гласот на Америка, пишувајќи во писмо до Бенет:
„Како јавно финансирана медиумска организација, императив е Американската агенција за глобални медиуми и Гласот на Америка да се усогласат со овие строги барања за интегритет и за непартизираност, држејќи го раководството на Американската агенција за глобални медиуми надвор од уредувачкиот процес на донесување одлуки“.
Американската агенција за глобални медиуми ценета во странство
Експертите за јавна дипломатија им рекоа на законодавците дека Американската агенција за глобални медиуми не треба да се обидува да ја усвои секоја платформа и секоја цел со оглед на предизвиците со ресурсите.
„Вашингтон треба да преземе усогласени кампањи засновани на вистинитост за да ги разоткрие неуспесите и лажните ветувања за диктатура“, рече Џесика Брант, директорка за политика за Иницијативата за вештачка интелигенција и развојна технологија во Институтот Брукингс.
„Исто така треба да ги примени тие информации ширум светот, не само затоа што е во согласност со демократските принципи, туку затоа што ги става Русија и Кина во одбранбена позиција“.
Брант забележа дека публиката во странство ја цени работата на Американската агенција за глобални медиуми поради нејзината вистинитост.
„Во известувањето за САД, Гласот на Америка не треба да се двоуми да го претстави американското искуство во неговата целосна сложеност“, сведочеше таа.
„Тоа е знак на сила, а не на слабост, за еден ентитет финансиран од владата искрено да се соочи со своите предизвици. Мислам дека тоа може да резонира кај оние кои се борат да ги негуваат сопствените демократии“.