Линкови за пристапност

Сенатски панел ја одобри номинацијата за прв човек на американската Агенција за глобални медиуми


Клучен сенатски панел во четвртокот го одобри кандидатот предложен од Претседателот Доналд Трамп за челната позиција во Агенцијата за глобални медиуми која го надгледува Гласот на Америка и други меѓународни новински ентитети.

Со 12 гласа „за“ и 10 „против“ Комитетот за надворешни работи на Сенатот, во кој мнозинство се Републиканците, ја одобри номинацијата со што таа преминува на гласање во Сенатот.

Номинацијата на документарниот филмаџија Мајкл Пек се разгледуваше речиси две години и беше заглавена поради загриженоста на Демократите за наводни финансиски недоследности во неговите бизниси.

Минатата недела гласањето на Комитетот беше одложено откако јавниот правобранител на Вашингтон отвори истрага за тоа дали Пек незаконски користел средства од неговата непрофитна организација, Паблик медиа лаб, за лична корист. По ова Белата Куќа се пожали на одлагањето и соопшти дека Трамп стои зад Пек.

Мајкл Пек одби да се вклучи во разговор за сериозни прашања
Боб Менендез, сенатор

За време на седницата во четвртокот повеќе сенатори од Демократската партија беа надгласани во нивните обиди да го одложат изјаснувањето додека Пек не се изјасни за своите финансии или додека јавниот правобранител не ја заврши истрагата.

„Мајкл Пек одби да се вклучи во разговор за сериозни прашања“ рече сенаторот Боб Менендез од Демократската Партија и додаде дека Комитетот во кој мнозинство се Републиканците не успеал да постигне партиски консензус за номинацијата.

Не успеавте дури ни да одговорите на загриженоста на сите демократски членови во овој Комитет
Џим Риш, сенатор


„Не успеавте дури ни да одговорите на загриженоста на сите демократски членови во овој Комитет“ му се обрати Менендез на претседавачот Џим Риш.

Риш одговори дека Комитетот е подготвен да ја повлече номинацијата. „Доколку државниот правобранител или Одделот за правда го побараат тоа, ние ќе го направиме тоа. Тоа се нема случено“ рече тој.

Гласот на Америка побара дополнителен коментар од портпаролот на претседавачот Џим Риш. Во соопштението тој вели „Мило ми е што Комитетот конечно успеа да ја одобри номинацијата на г. Пек за извршен директор на Агенцијата за глобални медиуми, функција која долго време беше испразнета“.

Менендез ја објасни загриженоста на членовите – демократи, кои тврдат дека Пек „погрешно го навел односот меѓу неговата непрофитна и неговата профитна организација кај даночните служби“.

Филмската компанија на Пек, Манифолд Продукција, има добиено милиони како грантови од неговата непрофитна организација, рече Менендез. „Сепак, Пек во повеќе наврати ги известил даночните служби дека нема поврзаност меѓу двата ентитета иако раководел со двата“ вели Менендез кој додаде и дека Пек допрва треба да ги поправи погрешните информации доставени до даночниците и до Комитетот во однос на неговите даночни пријави.

Менендез вели дека Пек не ги доставил бараните документи до Комитетот во кои се објаснува односот меѓу непрофитната организација и неговиот бизнис под изговор дека станува збор за чувствителни деловни информации.

„Деловните интереси се толку чувствителни што не можат да ги видат сенаторите кои имаат пристап до најчувствителните класифицирани информации“ рече Менендез.

Гласот на Америка побара коментар од портпаролот на Пек.

Доналд Трамп, Претседател на САД
Доналд Трамп, Претседател на САД

Претседателот Доналд Трамп го номинираше Пек да раководи со Агенцијата за глобални медиуми пред речиси две години и изрази фрустрираност поради одложувањето велејќи дека тоа е резултат на опструкциите од страна на Демократите. Претседателот претходно се закани дека времено ќе го распушти Конгресот доколку не биде одобрена номинацијата.

Белата Куќа минатата недела ги обвини демократите за одолговлекување на номинацијата по извештаите дека јавниот правобранител на Вашингтон отворил истрага. Оттаму соопштија дека „Претседателот стои зад Мајкл Пек и е разочаран, но не и изненаден што Демократите повторно одлучиле да фрлат кал врз чистото досие на уште еден јавен службеник“.

Раководењето со Гласот на Америка е ужасно. Тие не се Глас на Америка. Тие се спротивното од Глас на Америка
Доналд Трамп, Претседател на САД

Во последните неколку недели Трамп го критикуваше известувањето на Гласот на Америка во однос на Кина и кризата до коронавирусот. Кога минатата недела беше запрашан за номинацијата на Пек, Трамп рече „Раководењето со Гласот на Америка е ужасно. Тие не се Глас на Америка. Тие се спротивното од Глас на Америка“.

Ние го извезуваме Првиот Амандман до луѓето низ светот кои немаат пристап кон проверени, вистинити и веродостојни информации
Аманда Бенет, директорка на Гласот на Америка

Директорката на Гласот на Америка, Аманда Бенет, ја бранеше мисијата и известувањето на новинската агенција финансирана од федералната влада преку соопштение објавено минатиот петок.

„Ние го извезуваме Првиот Амандман до луѓето низ светот кои немаат пристап кон проверени, вистинити и веродостојни информации“ рече таа.

Аманда Бенет, директорка на Гласот на Америка
Аманда Бенет, директорка на Гласот на Америка

„Поради тоа над 80% од нашата публика од 280 милиони луѓе од 47 јазици во над 60 држави велат дека нашата работа е кредибилна“ додаде таа.

Агенцијата за глобални медиуми надгледува пет цивилни новински мрежи: Гласот на Америка, Радио Слободна Европа, Канцеларијата за известување на Куба, Радио Слободна Азија и станиците на арапски јазик – телевизијата Алхура и Радио Сава кои се дел од мрежата за Блискиот Исток.

Целата Агенција се потпира на верувањето дека репортерите се независни, дека нема политичко влијание во начинот на кој известуваат. Без таа доверба мислам дека целосно ќе се поткопа Агенцијата
Мајкл Пек, кандидат за директор на Агенцијата за глобални медиуми

Во своето првично сослушување минатиот септември Пек ја отфрли загриженоста дека ќе се обиде политички да влијае на Агенција за глобални медиуми, вклучително и на Гласот на Америка кои имаат законска обврска да бидат објективни и балансирани во известувањето.

„Целата Агенција се потпира на верувањето дека репортерите се независни, дека нема политичко влијание во начинот на кој известуваат. Без таа доверба мислам дека целосно ќе се поткопа Агенцијата“ рече Пек пред Комитетот.

XS
SM
MD
LG