Директорката на Гласот на Америка Аманда Бенет и нејзината заменичка Сандра Шугавара, денес поднесоа оставка од функцијата.
Тие изјавија дека Мајкл Пек, новиот извршен директор на Агенцијата за глобални медиуми, под чија контрола е Гласот на Америка, има право на нивно место да си донесе негов тим.
Бенет и Шугавара ја раководат Гласот на Америка од 2016 година, проширувајќи ја програмата на оваа независна владина агенција, која емитува програма на 47 јазици во светот.
„Мајкл Пек даде заклетва пред Конгресот дека ќе го почитува системот што ја гарантира независноста на Гласот на Америка, а кој игра најзначајна улога во обезбедување на довербата на публиката низ целиот свет“, напишаа Бенет и Шугавара во оставката.
Претседателот на САД Доналд Трамп го номинираше Пек за оваа позиција пред две години, но, неговото одобрување до неодамна беше блокирано од демократите во Сенатот, делумно поради загриженост за наводни финансиски прекршувања во неговиот бизнис.
Изминативе недели Трамп ја критикува Гласот на Америка за нејзиното известување за Кина за време на кризата со коронавирусот.
„Тоа не е Гласот на Америка, туку против Гласот на Америка“, рече Трамп неодамна, зборувајќи за номинацијата на Пек.
Бенет тогаш реагираше, велејќи дека „Гласот на Америка го промовира Првиот амандман на луѓето низ светот, кои немаат друг пристап до веродостојни информации, базирани врз факти“, нагласувајќи дека 80 отсто од публиката, која брои 280 милиони луѓе, во повеќе од 60 држави, сметаат оти Гласот на Америка е кредибилен извор.
Facebook Forum