За уредничката на Гласот на Америка, која донесе судбоносна одлука, оваа прилика беше премногу исклучителна и важна за да се пропушти. Само десет дена по нападите врз САД на 11 септември 2001 година, во кои загинаа 2.977 Американци и имаше голем број на повредени, најблискиот соработник и заштитник на Осама бин Ладен во Авганистан - Мулах Омар - му понуди ексклузивно интервју на паштунскиот сервис на Гласот на Америка.
Мирна Витворт, в.д. директорка на „Гласот на Америка“ во тоа време, задолжи двајца новинари да го интервјуираат по телефон таинствениот лидер на Талибанците, кој му дозволил на Бин Ладен, мозокот на нападите од 11 септември, да престојува во Авганистан.
Но, претставници на администрацијата на Буш наскоро дознале дека Гласот на Америка подготвува сторија. Витворт добила повик од Стејт департментот и ѝ било речено дека доколку се направи интервјуто со Омар тоа би било „политичко самоубиство“.
Додека администрацијата на Буш „го почитуваше правото на агенцијата објективно да известува“, официјалните претставници не сакаа Гласот на Америка да „направи нешто што би било погодно за непријателот“, рече во неодамнешно интервју Ричард Баучер, портпарол на Стејт департментот во тоа време.
Гласот на Америка, глобален мултимедијален радиодифузер, финансиран од американската влада, емитува програма на повеќе од 40 јазици за повеќе од 280 милиони луѓе во светот. Гласот на Америка има долга историја која датира од Втората светска војна и мандат од Конгресот да известува непристрасно и сеопфатно.
Но, тензиите меѓу Белата куќа и Гласот на Америка траат со децении, главно заради уникатноста на полу-независната и повремено агресивна - новинска агенција која работи во рамките на огромната бирократија на федералната влада.
Минатиот месец, претседателот Доналд Трамп им се придружи на некои од неговите претходници кои го покренаа прашањето за известувањето од страна на Гласот на Америка - но со невиден интензитет и острина.
„Ако слушнете што доаѓа од Гласот на Америка, тоа е одвратно. Кажуваат некои одвратни работи за нашата држава“, рече Трамп за време на брифингот за коронавирусот во Градината на розите во Белата куќа на 15 април.
Забелешките на Трамп во суштина се однесуваат на две работи: Прво, дека Гласот на Америка, во своето известување, користел сомнителни податоци на кинеската влада за бројот на заразени и починати од коронавирусот во Кина - обвинение кое новинската агенција енергично го отфрли.
И второ, претседателот беше иритиран поради тоа што повеќе од две години не може да постави нов шеф на Американската агенција за глобални медиуми, под чија надлежност е Гласот на Америка -поради пречките од страна на Демократите во процесот на потврда во Сенатот.
Претседателот, потребата за промена на управата која ја надгледува работата на Гласот на Америка ја наведе како една од причините евентуално да го примени претседателското овластување кое никогаш досега не е искористено, и да го распушти Конгресот.
Трамп порано се жалеше дека нема контрола врз владиниот медиум кој би ги одразувал неговите вредности и оние на неговите поддржувачи. Минатиот ноември, Трамп сугерираше дека САД треба да создадат државна, глобална мрежа за вести, со цел да се спротивстават на, како што рече, „неправедното“ и „лажно“ известување од страна на Си-Ен-Ен и да му покажат на светот колку е „голема“ оваа држава.
Но, како што покажува интервјуто со Мулах Омар и други примери, Трамп не е првиот претседател кој го критикувал известувањето на Гласот на Америка. Тоа е затоа што, иако оваа медиумска куќа е вообичаено надгледувана од политички претставници назначени на Белата куќа, новинарите на Гласот на Америка се законски обрзани да бидат непристрасни во своето известување.
Уредувачката еволуција на владиниот медиум
Белата куќа и Стејт департментот го одбија барањето на Гласот на Америка да појаснат и да ги прокоментираат критиките на претседателот упатени преку телевизија, како и одделни обвиненија изнесени во Билтенот на Белата куќа на почетокот на овој месец, при што Гласот на Америка беше обвинет дека ја „засилува“ кинеската пропаганда, користејќи нејзини податоци за време на пандемијата на коронавирусот.
Директорката на Гласот на Америка, Аманда Бенет, ги отфрла обвинувањата и вели дека агенцијата „настојува да се занимава со објективно известување, засновано на факти, со кои не се засилува ничија порака.“
Всушност, Гласот на Америка речиси 20 пати ги разоткрива и демантира кинеските дезинформации, според невладината организација за слобода на печатот Комитет на репортери.
Уредувачкиот пристап на потполна „средина“ не бил секогаш политика на Гласот на Америка. Откако агенцијата е формирана во 1942 година за да се спротивстави на нацистичката пропаганда со објективни вести, во првите неколку децении, известувањето на Гласот на Америка морало да биде одобрено од владини претставници.
За време на Кенеди, во текот на „Кубанската криза“ во 1963 година, Гласот на Америка всушност работеше под „владина супервизија“, потсетува Николас Чул, професор по јавна дипломатија на Анберг школата за комуникации и новинарство при Универзитетот на Јужна Калифорнија, автор на книгата „Студената војна и информативната агенција на САД“.
„Имало претставник на администрацијата испратен од Иформативната агенција во Гласот на Америка“, вели Чул. „Тој морало да даде одобрение за секој текст.“
Тој пристап започнал да се напушта за време на аферата Вотергејт, која доведе до оставка на претседателот Ричард Никсон во 1974 година. Чул вели дека новинарите на Гласот на Америка, кои инсистирале на тоа да дадат комплетна слика на истрагата за наводните престапи на претседателот наишле на отпор од претставниците на Информативната агенција, кои сакале да видат позитивна сторија за Никсон.
Новинарите сакале Вотергејт да го претворат во „час по граѓанско воспитување кој покажува дека силата на Америка не е тоа што нејзиниот претседател никогаш не прави грешки, туку во можноста на Конгресот да ја исправи таа грешка низ соодветна постапка“, вели Чул. На крајот е постигнат компромис: секогаш кога се емитува негативна сторија за претседателот, да мора да се емитува и некоја позитивна сторија.
„Тоа доведе до некои необични емитувања“, вели Чул. „Би рекол дека во вестите би имало сторија тој ден во која претседателот е именуван како еден од учесниците во завера во аферата Вотергејт против кого не е поднесено обвинение, а потоа сторија за тоа како госпоѓата Никсон отворила ново училиште во Вашингтон.“
На Агенцијата ѝ е забрането да известува пристрасно
Во 1976 година, Конгресот и извршните директори на Гласот на Америка, утврдија дека на Агенцијата ѝ е потребен јасен уредувачки мандат, со цел да го одржи нејзиниот кредибилитет кај публиката во светот.
Конгресот го напиша документот, кој вели дека Гласот на Америка, мора да објавува точни информации, да произведува содржини кои ќе ги претставуваат сите во американското општество, како и да обезбедува јасни објаснувања и дискусии за политиките на САД.
Кодекс на Гласот на Америка
Уредувачките права на Агенцијата ќе се допрецизираат уште повеќе со легислатива во 1994 и 2016 година, која предвиде мерки да се заштитат новинарите од политичко влијание, и која ја обврзува Агенцијата да ги почитува „највисоките професионални стандарди во новинарството“, додека истовремено ги следи широките цели за надворешна политика на САД.
Ричард Стенгел, поранешен уредник на магазинот „Тајм“, како и поранешен потсекретар за јавна дипломатија во администрацијата на Трамп, вели дека независноста е тоа што ја прави различна Гласот на Америка од некои од нејзините конкуренти.
„Гласот на Америка не е владина програма на САД, на начин на кој функционираат владините телевизии во авторитарните држави, кои мора да ги пренесуваат целите на надворешната политика на нивните држави. Не е тоа што денес го прават Северна Кореја, Кина или Куба, или други места како овие. Таа е независна, што претставува и причина, зошто нејзината програма е следена и почитувана од милиони луѓе во светот“, рече Стенгел.
Неделно радио обраќање на претседателот Роналд Реган, 9-ти ноември, од студиото на Гласот на Америка во Вашингтон
Американска програма, со извршни директори одобрени од Белата куќа
Додека новинарите на Гласот на Америка се обврзани да објавуваат објективни информации, Агенцијата е под контрола на извршната власт, која има моќ да номинира извршен директор на Американската агенција за глобални медиуми.
Оваа агенција надгледува пет медиумски мрежи, финансирани со федерални пари, кои емитуваат програма во држави каде слободата на печатот е ограничена.
Извршниот директор на Американската агенција за глобални медиуми, заедно со двопартиски борд на извршни директори и експерти за меѓународни прашања, ги назначува директорите на медиумските агенции, меѓу кои Гласот на Америка.
Трамп го номинираше Мајкл Пек, конзервативен продуцент на документарни филмови, за главен извршен директор на Американската агенција за глобални медиуми, во јуни 2018 година.
Демократскиот сенатор од Њу Џерси Боб Менендез, неодамна ѝ напиша на Белата куќа, дека Пек треба допрва да одговори на прашања пред Комисијата, за обвинувања за делување во сопствен интерес во неговите бизниси, за изминати даночни сметки, како и за наводни „негативни ситуации“ околу неговото заминување од претходното работно место.
Портпаролот на Пек, за Гласот на Америка, изјави дека тој одбива да коментира за ваквите наводи, поради тековниот процес за негова номинација.
Клифорд Меј, кој е на чело на тинк - тенк организацијата, Фондација за одбрана на демократии, рече дека критиката на Трамп кон Гласот на Америка е разбирлива, поради неговата фрустрација околу потврдувањето на неговата номинација.
Меј ја критикуваше директорката на Гласот на Америка Бенет, за заостанат кадар од демократската администрација на претседателот Барак Обама, која не успеала адекватно да му ги објасни на светот политиките на администрацијата на Трамп.
„Тоа треба да се објасни преку Гласот на Америка. Ако не таму, каде на друго место? Тоа не значи дека не може да има лични колумни, или критики кон Трамп, исто така. Сите овие работи можат да коегзистираат балансирано. Потребни се добри новинари тоа да го направат. Јасно е дека оваа администрација мисли оти тоа не е направено на соодветен начин од оние што сега раководат“, рече Меј.
Бенет, поранешна директорка во Bloomberg News и уредничка на Philadelphia Inquirer, беше назначена за директорка на Гласот на Америка во март 2016 година, и остана на оваа позиција и по доаѓање на администрацијата на Трамп.
Претседателот Бил Клинтон зборува во Гласот на Америка, 24 октомври, 1997 година
За време на спорот во 2001 година, во врска со интервјуто со Мула Омар, повеќе од 100 новинари на Гласот на Америка потпишаа петиција, барајќи од Агенцијата да не подлегне на пртисокот. На крајот, Гласот на Америка објави делови од интервјуто, како и изјава, бранејќи го известувањето пред критичарите.
„Луѓето во Авганистан се вртат кон нас бидејќи ни веруваат, и оти ја кажуваме целата приказна“, беше наведено во дел од изјавата.
Баучер, сега професор за надворешна политика на универзитетот Браун, вели дека двете страни потоа, го оставиле спорот зад нив и „продолжиле понатму“ .
Сепак, помалку од две недели по објавувањето на интервјуто, Витворт беше тргната од позицијата заменик-директор на Гласот на Америка, и беше заменета од Роберт Р. Рајли, назначен од Белата куќа.
„Немаше очигледен притисок, но, ставија до знаење дека нема да имам натамошна улога во уредувачките одлуки“, рече Витворт, која имаше новинарска кариера во Агенцијата, и не беше политички поставена. Таа одлучи да се пензионира рано.
Агенцијата за време на политички тензии
Периодите на политички поделби во САД, како што се импичмент на претседателот или војна, можат да ја стават Глас на Америка во тешка ситуација, вели Лата Нот од Фридом Форум.
Но, тоа се времиња, вели таа, кога, исто така, Агенцијата го зајакнува кредибилитетот кај публиката.
„Фактот што нашите владино финансирани медиуми, не се медиуми управувани од Владата, туку се независни, е неверојатно важно“, рече Нот.
Природно е владата да рече дека таа плаќа за ова, и оти сака најдобро да се известува за неа, вели професорот на универзитетот на Јужна Каролина Николас Кал.
„Но, природно е новинарите да се спротивстават, и да кажат дека новинарската етика подразбира да се кажат двете страни на приказната, а за да бидат ефективни, мора да бидат кредибилни“.
Гласот на Америка на германски јазик, Роберт Бауер
Уште на почетокот на борбата против нацистичката пропаганда во 1942 година, и покрај легислативата која ја штити независната уредувачка политика на Гласот на Америка, Агенцијата се бори за да одржи независноста. Еве неколку примери за тоа:
- Во раните 1960 години, Гласот на Америка не можеше да известува за кубанската проектилска криза, без одобрување на Информациската агенција на САД, која во тоа време беше нејзина контролна организација.
- За време на скандалот „Вотергејт“, кој доведе до оставка на претседателот Ричард Никсон во 1974 година, Гласот на Америка имаше спор со официјални лица од Информациската агенција на САД, кои сакаа попозитивна нота на оваа приказна. Компромисот беше постигнат на тој начин, што секогаш кога ќе се објави негативна информација за Никсон, мора да биде проследена и со позитивна приказна за него.
- За време на администрацијата на претседателот Џорџ Буш постариот, Информациската агенција на САД се обиде да го спречи објавувањето на интервјуто со Фанг Лиџи, откако кинескиот активист дојде во САД во 1990-ите. Тој беше заштитен од Американската амбасада во Пекинг, а дел од договорот да му се дозволи да ја напушти државата, беше Вашингтон да не ја „експлоатира“ неговата приказна.
- Недели по нападите на 11 септември 2001 година, Стејт департментот, за време на администрација на Џорџ Буш, се обиде да го блокира објавувањето на ексклузивно интервју со талибанскиот лидер Мула Омар, кој му дозволи на Осама бин Ладен да биде во Авганистан. Агенцијата дозволи да се објават делови од интервјуто. Некои официјални лица од администрацијата на претседателот Барак Обама изразија загриженост дека известувањето на Агенцијата не ги рефлектирало приоритетите на надворешната политика на САД во борбата против насилниот екстремизам.
Автор на текстот: Петси Видакусвара, дописничка на Глас на Америка од Белата куќа
Facebook Forum