Американскиот Сенат попладнево ја потврди кандидатката на претседателот Џо Бајден за раководител на Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), федералната агенција која ја надгледува работата на Гласот на Америка и другите меѓународни радиодифузни субјекти.
Со 60-36 гласови, Сенатот кој е тесно контролиран од демократите ја одобри Аманда Бенет, поранешна директорка на Гласот на Америка, да биде на чело на УСАГМ со тригодишен мандат.
Се проценува дека 394 милиони луѓе имаат пристап до програмите на Агенцијата за глобални медиуми, секоја недела.
Федерално финансираната Агенција надгледувана од Конгресот на САД има два федерални ентитети, Гласот на Америка и Канцеларијата за радиодифузија на Куба и четири непрофитни организации - Радио Слободна Европа/Радио Либерти, Радио Слободна Азија, Радиодифузни мрежи за Блискиот Исток и Отворен технолошки фонд.
Бенет порано била извршен уредник во Блумберг њуз и беше главен уредник на весникот Орегониан. Таа, исто така, била известувачка за Вол Стрит Журнал повеќе од две децении, вклучително и од Пекинг.
Таа е авторка на шест книги и двапати ја подели Пулицеровата награда со свои колеги, во 1997 година во Вол Стрит Журнал и повторно во 2001 година во Орегониан.
Таа беше директорка на Гласот на Америка од 2016 година пред да поднесе оставка во јуни 2020 година, пред Мајкл Пек да ја преземе функцијата извршен директор на УСАГМ.
Пек беше назначен од тогашниот претседател Доналд Трамп. Пек го назначи Роберт Рајли во декември 2020 година да ја наследи Бенет.
Неколку минути откако Џо Бајден положи заклетва како претседател на САД на 20 јануари 2021 година, тој побара и ја прими оставката на Пек и го назначи тогашниот програмски директор на Гласот на Америка, Келу Чао за вршител на должноста извршна директорка на Американската агенција за глобални медиуми.
Чао го смени Рајли како директор на Гласот на Америка еден ден подоцна.
Бенет се соочи со критики од некои републиканци уште за време на нејзиното сослушување за потврдување на функцијата на 7 јуни, кога пред сенатската комисија за надворешни односи изјави дека ќе се залага за унапредување на мисијата на УСАГМ со поголема објективност и избалансирано известување во време кога дезинформациите се во пораст на глобално ниво.