Американските законодавци од двете партии во четвртокот кажаа дека се загрижени оти Гласот на Америка и другите емитувачи на програма финансирани од САД се во ризик да го загубат кредибилитетот кај странската публика заради потезите на новиот директор Мајкл Пек.
Пек, првиот раководител именуван од претседателот да служи на новата функција што Конгресот ја креираше за да ги воедначи и модернизира напорите за емитување програма финансирани од САД, се соочи со двопартиска критика за неговите акции откако ја презеде функцијата во јуни.
Распитот во четвртокот беше прв пат законодавците да имаат можност јавно да ги истражат промените во Агенцијата за глобални медиуми на САД, (УСАГМ) што е агенција под која потпаѓаат Гласот на Америка, Радио Слободна Азија и други емитувачи на програма финансирани од САД.
Пек кажа дека имал конфликт со други обврски заради што не можел да присуствува, и покрај официјалната покана под закана со казна, од претседавачот со Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, Елиот Енгел, демократ од Њујорк.
„Тој покажа огромно непочитување за комисијата, нашата комисија, и за нејзината улога за вршење надзор на УСАГМ. Тој е погрешно лице за оваа работа. Тој треба да даде оставка. А ако не го стори тоа, претседателот треба да го отпушти“, рече Енгел.
Годишниот буџет на УСАГМ од околу 800 милиони долари финансира програма што секоја недела стигнува до, според проценките, 350 милиони луѓе на 62 јазици.
Конгресменот Мајкл Мекол од Тексас, републиканец од висок ранг во комисијата, рече дека одлуката на Пек да не присуствува е „игнорирање на волјата на Конгресот“.
Мекол ја издвои одлуката на УСАГМ за замрзнување на 18 милиони долари за финансирањето на Фондот за отворена технологија (ОТФ) како особено опасна одлука.
„Верувам дека неговите потези нанесоа штета на поддршката за време на најголемите протести во Хонгконг. И продолжуваат да го прават тоа и денеска во Белорусија. Нивното трагично недавање поддршка на движењата за слобода и демократија е исто така за жалење“, рече Мекол во четвртокот.
Откако пристигна во агенцијата, Пек ги отпушти раководителите на Радио Слободна Европа/Радио Либерти, Радио Слободна Азија, и Мрежата за емитување програма на Блискиот Исток; се обиде да го замени бордот на Фондот за отворена технологија, група која користи федерални грантови за промоција на технологии за слобода на интернетот; и не ги обнови визите Ј-1 за новинарите од странство.
УСАГМ најави ревидирање на процесот за Ј-1 визите на почетокот на јули, што резултираше во истекување на дозволите за работа за неколку новинари од странство кои работеа во јазичните дивизии на Гласот на Америка. Најмалку петмина ги напуштија САД.
Сведоци на сослушувањето беа Грант Тарнер, главниот службеник на УСАГМ за финансии, кој минатиот месец беше ставен на административно отсуство; Аманда Бенет, поранешна директорка на Гласот на Америка, која даде оставка два дена пред доаѓањето на Пек; Џејми Флај, поранешен претседател на Радио Слободна Европа/Радио Либерти, кој беше отпуштен од новиот директор; Карен Корнбла, претседавачка на бордот на директори на ОТФ; и Рајан Крокер, поранешен амбасадор на САД и член на бордот на ОТФ.
Тие сведочеа за тоа колку промените имплементирани од јуни наваму влијаеле на способноста на мрежите за емитување на програма да функционираат и да ризикуваат да го доведат во опасност одвојувањето на новинарството од политичкото мешање во известувањето.
„Јас сум многу загрижен дека пробивањето на таа бариера (firewall) ќе го уништи целиот имиџ на УСАГМ“, рече Крокер, кој служел како дипломат во Авганистан, Ирак, Пакистан, Сирија, Кувајт и Либан. „Нашата репутација на кажување на вистината беше суштински елемент на силата на нашата нација. Сега, таа е во опасност, што ги става во ризик не само нашите национални вредности, туку и нашата национална безбедност“.
Сведоците кажаа дека очигледното прекршување на востановената бариера го вклучува и барањето да се става „став на американската влада“ на страниците на ентитетите; обидите на УСАГМ да присуствуваат на уредничките состаноци за покривањето на американските избори; отстранувањето на Стивен Спрингер, уредникот за стандардите на Гласот на Америка; масовното отпуштање на раководителите во агенцијата; необновувањето на визите Ј-1; и изјавите на Пек во интервјуа за радио дека агенцијата би била „одлично место за вметнување на шпион“.
Законодавците од двете партии и сведоците кажаа дека тие коментари би можеле да ги стават во опасност новинарите на агенцијата“.
„Многу е опасно ако првиот човек на УСАГМ почне да дава изјави што Кремљ потоа може да ги сврти за свои потреби и да ги искористи следната недела за новинарите на УСАГМ“, рече Флај.
Тарнер исто така посочи на штетата по кредибилитетот на мрежата, велејќи: „Ништо во моите 17 години не е слично на лошото управување, злоупотреба на власта, прекршувањето на законот, како тоа што се случува откако Мајкл Пек ја презеде улогатана прв човек на УСАГМ“.
Пек, поранешен независен филмски и телевизиски продуцент и раководител на конзервативна фондација, ги бранеше своите акции во интервјуа и во комуникација со вработени во УСАГМ, велејќи дека сака да ја зачува новинарската независност на агенцијата и да ја направи поефикасна во постигнување на својата мисија.
Пек исто така кажа дека владина истрага покажала сериозни, долгогодишни проблеми по кои не се постапувало од претходните лидери на агенцијата.
На неговото сослушување за конфирмација на позицијата во септември, Пек вети дека ќе го почитува американскиот закон што на Гласот на Америка и дава новинарска независност.
„Целата агенција почива на верувањето дека новинарите се независни, дека никакво политичко влијание не им кажува како да известуваат“, Пек рече пред Комисијата за надворешни односи на Сенатот.
Двегодишниот процес за потврдување на Пек во американскиот Сенат заврши со партиска битка откако сенатските демократи наведоа дека тој наводно злоупотребил пари за неговата компанија за документарна продукција. Сепак, сенатските републиканци го фалеа неговото искуство како режисер и поранешен директор во медиум.
Во четвртокот, републиканскиот конгресмен Скот Пери од Пенсилванија ги бранеше потезите на Пек, посочувајќи на неодамна објавениот извештај на Канцеларијата за менаџмент на персоналот (ОПМ) во кој е изнесено дека 40 проценти од агенциските вработени биле несоодветно проверени во последниве 10 години.
„Реформите преземени од господинот Пек минаа низ големо јавно преиспитување, како што всушност и треба“, рече Пери. „Но лошите процедури за проверка од страна на УСАГМ последниве децении продолжуваат да се закана за американската национална безбедност, и целосно се вина на оние кои лошо го управувале процесот“.
Пери исто така ја критикуваше работата на ОТФ, за која рече дека претставува безбедносен ризик и претставува злоупотреба на владини средства.
Корнбла ги оспори забелешките на Пери.
„Јас верувам дека конгресменот е погрешно информиран“, рече таа. „Тврдењата за безбедноста едноставно не се точни“.
Корнбла кажа дека замрзнувањето на финансирањето на ОТФ предизвикало запирање на 49 од вкупно 60 тековни програми за слобода на интернетот.
Неколкумина членови на комисијата ги испрашуваа сведоците за влијанието на коментарите на Пек во врска со шпиони во рамки на агенцијата.
„Господинот Пек, без докази, направи штетни тврдења, така што ако овие новинари одат да бараат работа некаде на друго место, во друга држава, би можеле да бидат под закана не само за заработувачката туку и за нивната безбедност“, рече демократскиот конгресмен Хоакин Кастро од Тексас.
„Кога некој од американската влада му закачи етикета на новинар дека е шпион, кој ќе му верува во друга држава? Кој ќе го вработи на друго место? Овој човек постапува исклучително неодговорно, и нека е и само заради тоа, тој треба да биде отпуштен од работа“, рече Кастро.
Флај препорача начини за ограничување на моќта на директорот, сугерирајќи му на Конгресот да усвои нова легислатива за емитување програма во странство за да се појасни улогата на мрежите и како најдобро да се објасни американската надворешна политика на публиката.
Законодавците ветија дека ќе продолжат со надзорот на емитувањето на програма на САД во странство и покрај тоа што Конгресот се справува со многу прашања поврзани со претстојните избори и пандемијата