Линкови за пристапност

Новинарската фела со нови насоки за етичко известување ќе ја враќа довербата во новинарството


Новото време, новите технологии, новите комуникации, новиот начин на размислување и новите алатки што се нудат, покажаа потреба за измени на Кодексот на новинарите на Македонија за етичко известување“, вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ

Справување со дезинформациите, заштита од бизнис и од политички влијанија, регулација за користење на вештачката интелигенција. Тоа се дел од насоките што се очекува да влезат во новиот Кодекс на новинарите во македонскиот медиумски простор. Консултациите со стручната фела се во тек, а главен координатор е Здружението на новинарите на Македонија.

„Изминати се повеќе од 20 години, откако е направен Кодексот на новинарите на Македонија. Денес, новото време, новите технологии, новите комуникации, новиот начин на размислување и новите алатки што се нудат, покажаа потреба за измени на Кодексот на новинарите на Македонија“, вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Првата верзија од Кодексот за етичко работење беше изработен во 2001 година. Од Македонскиот институт за медиуми, кои учествуваа во тогашната изработка, нагласуваат дека дигиталниот медиумски простор донесе сериозни етички предизвици.

„Присуството на огромен број дезинформации, односно неточни информации, половично точни информации, манипулативни содржини на дигиталните платформи, особено, е голем проблем. Говорот на омраза врие во овие содржини“, вели Билјана Петковска, директорка на МИМ.

Во изработката на новиот документ клучна улога има и Советот за етика во медиумите. Од таму ги посочуваат дигиталните новитети во создавањето новинарски содржини.

„Да спомнеме само еден пример, вештачката интелигенција. Никаде не ја третираме во земјава и се правиме дека не постои, а веќе во новинарството, како што ми кажуваат колегите, се користи и тоа солидно. Но, никаде во текстовите тоа не е нагласено“, посочува Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕМ.

Подготовката на новиот Кодекс се изведува според две обемни истражувања за состојбите во македонскиот медиумски простор. Автори на овие анализи се експертите за етичко и медиумско известување, Марина Тунева и Александар Манасиев.

„Во етичката рамка треба да се реагира во делот за заштита на ранливите групи во општеството. Секоја комуникација што се одвивала овде, секоја јавна дебата покажала дека тие не се доволно заштитени, за жал. Дали е тоа свесна или несвесна тенденција, е друго прашање. Меѓутоа, на многу потреби на ранливите групи не е одговорено во новинарското информирање “, вели Марина Тунева, авторка на истражувањето „Од глобални искуства до локални стандарди: Етички предизвици и решенија во новинарството“.

„Целата поента е да се зајакне процесот на саморегулација, од една страна. Од друга страна, пак, да се опфатат и сите т.н. ‘контент’ креатори, инфлуенсери итн. Како ќе се одвива тоа, не знам. Но, дефинитивно и тие мора да знаат дека креираат некаква новинарска содржина, дека имаат одговорност и дека таа одговорност е опфатена во некаква етичка рамка“, вели Александар Манасиев, автор на истражувањето „Темелна ревизија на актуелните практики за етика во новинарството во Северна Македонија“.

Финансиското опстојување на медиумите, пак, според искуствата од европската Алијанса на совети за етика, се покажало како најранлива точка за можни политички и бизнис притисоци, како и влијанија врз новинарските редакции.

„Изворите на финансирање треба да бидат наведени, па и нивното потенцијално влијание. Се оди и во степен на контрола на тој сегмент и заштита на редакциите да не бидат под влијание, било да се работи за политичко или финансиско влијание. Знаеме дека во недостиг на ресурси за финансирање на медиумите, тоа навистина е проблем и се прибегнува кон најразлични начини на финансирање. Доколку се дозволи тие начини на финансирање да влијаат, а сме имале и такви практики, тогаш новинарството е во рацете на некој друг“, посочува Тунева.

Во слична насока е ставот и на Манасиев.

„Значи, има тргување со влијание, како нов феномен, којшто не е спомнат во сегашниот етички кодекс. Имаме сериозни проблеми, коишто се појавија во последните 10-15 години, во рамките на политиката и бизнисот. Дефинитивно дел од колеги, особено оние помладите, сметам дека недоволно го познаваат и не ги сметаат како проблем некои од работите со коишто се соочуваат, особено во делот со политичко или бизнис влијание“, објаснува Манасиев.

Од Советот за етика, пак, се категорични, неопходни се и редовни обуки во редакциите.

„Толку многу недостасува тренинг и редовна обука за новинарите, за младите луѓе што се вклучуваат во новинарството, за да се фатат чекорите и со современите промени во медиумската индустрија, но, и да се научат основните правила. Тука едноставно се скока во медиумите. Медиумот е среќен ако добие нов човек за работа и не вложува во обука бидејќи редакциите се сè помали и помали. И, навистина, обуката е нешто што треба да ја следи промената на Кодексот. Тоа што ќе се зацрта во новиот Кодекс, треба навистина да се пренесе во редакциите“, укажува Георгиевска од СЕМ.

Очекувањето во новинарската фела е дека новиот Кодекс ќе помогне и за поголема доверба кон медиумите.

„Таа работа мора да си ја преземат новинарите на свој грб, како сопствен товар, вклучително и со новинарските организации. Новото време создаде низа ситуации со коишто се изгуби довербата во новинарството. Тоа е пред сè и поради појавата на оние непрофесионални медиуми, како и на новинари и лица коишто го искористија влијанието од социјалните мрежи, за да можат да создадат една слика дека всушност на новинарите не треба да им се верува. Но, тоа не е така. Затоа и го правиме овој нов кодекс, за да можат да се распознаат професионалните од непрофесионалните новинари“, истакна претседателот на ЗНМ, Чадиковски.

На маса стои и размислувањето дека саморегулацијата, во рамките на новинарската фела, некогаш не е доволна.

„Мислам дека сепак ќе мора во некој нареден период да се пристапи кон одредена форма на корегулација. Значи регулацијата и етичките стандарди, да видиме до каде можеме да ги доближиме на начин на којшто: Прво, ќе се гарантира дека тие ќе бидат спроведени од страна на институции, коишто се тотално неполитички. Тоа се најчесто тела за регулација. И, од друга страна, ќе се внимава да не се повреди слободата на говорот како основно човеково право“, смета директорката на МИМ, Петковска.

Според најавите, новиот Етички кодекс треба да биде финализиран кон средината на оваа година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG