Линкови за пристапност

Градоначалниците на Чикаго, Денвер, Њујорк, Бостон на испрашување пред Конгресот поради имигрантите


Пред конгресен комитет, градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон, го бранеше статусот на неговиот град како „град засолниште“. Со истото се соочија и градоначалниците на Денвер, Њујорк и на Бостон. Известува Кејн Фарабо. 

Градоначалниците на Чикаго, Денвер, Њујорк и на Бостон одговараа на прашања за нивната политика како „градови засолништа“ за имигрантите на конгресно сослушување во Вашингтон неодамна, предводено од конгресменот од Кентаки Џејмс Комер.

„Според федерален закон нелегални криминалци треба да се предадат на службите за имиграција и царина на САД. Слушаме извештаи, а многумина од вас јавно кажаа дека ќе го попречувате тоа. Тоа е спротивно на законот и ќе слушнеме повеќе за тоа денес“, вели Џејмс Комер, републикански конгресмен од Кентаки.

Во своите воведни изјави пред Комитетот за надзор и владини реформи на Претставничкиот дом на САД, демократскиот градоначалник на Чикаго Брендон Џонсон, ги бранеше политиките на неговиот град.

„Уредбата за прифаќање на овие лица на градот Чикаго и нашите други закони и политики не водат кон поголем криминал, тие не ја спречуваат соработката со федералните органи за спроведување на законот за кривични прашања и ние не засолнуваме криминалци, ги апсиме“, рече Џонсон.

Градскиот совет на Чикаго, за време на демократскиот градоначалник Рам Емануел, ја донесе актуелната уредба на градот.

Законот ја ограничува способноста на федералните имиграциски и царински службеници да ги испрашуваат приведените или да користат градски објекти за истраги, меѓу другите мерки.

Сојузната држава донесе сличен закон во Илиноис во 2017 година со двопартиска поддршка.

„Градовите засолништа се засолништа за криминалците“, изјави Том Хоман, која е поставен од Белата куќа за одговорен за контрола на границите и кој ги надгледува имиграциските напорите на федералната влада.

„Сакам локалната полиција да направи се` што може за да помогне во апсењето и отстранувањето на заканите за јавната безбедност во нивните заедници“, вели Хоман.

Во февруари, американскиот Оддел за правда го тужеше градот Чикаго и сојузната држава Илиноис, предводена од демократскиот гувернер Прицкер, поради политиките за заштита.

Хоман вели дека ги поздравува напорите да се блокираат законите и прописите што им отежнуваат на федералните власти да приведат имигранти без документи, вклучително и оние кои извршиле насилство.

„Ќе бараме одговорност од градовите засолништа; ќе ги прифатиме и ќе ги однесеме на суд“, додава Хоман.

„Фразата ‘град засолниште’ сигнализира дека објектите нема да прават дополнителни напори да им помогнат на царинските и гранични служби, но не наведува дека ќе ги попречат нивните напори“, вели Џеклин Стивенс, директорка на клиниката за истражување на депортација на Северозападен Универзитет.

„Нема ништо во федералниот закон што афирмативно ја обврзува полицијата или сојузната држава или окрузите да ги спроведуваат федералните политики за депортација. Администрацијата на Прицкер и другите службеници за спроведување на законот рекоа дека ќе се усогласат со законите“, вели Стивенс.

Стивенс вели дека претходните напори за правно оспорување на политиките на градовите засолништа не успеале.

„Одделот за правда во 2019 година загуби во Калифорнија во Апелациониот суд во 9-от округ, а Врховниот суд одби да го разгледа, така што наредбите од тој случај сè уште се чини дека се преседан“, додава Стивенс.

Некои членови на градскиот совет на Чикаго се обидоа да го променат законот за засолниште во 2023 година, откако напливот на мигранти ги преплави јавните служби на Чикаго.

Но, Советот гласаше против промената во јануари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG