Линкови за пристапност

САД ги расчистуваат мигрантите од Гвантанамо


Новопоставени шатори за приведени мигранти се видени на поморската станица Гвантанамо
Новопоставени шатори за приведени мигранти се видени на поморската станица Гвантанамо

Официјални лица од Одделот за одбрана за Гласот на Америка изјавија дека службениците за имиграција упатиле повик да испратат „нелегални имигранти со висока закана“ и други, од Гвантанамо во сојузната држава Луизијана

САД ги отстрани последните мигранти кои беа задржани во поморската база во заливот Гвантанамо, Куба, враќајќи ги во копното на САД додека чекаат депортација.

Двајца американски одбранбени функционери за Гласот на Америка денеска изјавија дека 40 задржани, вклучително и 23 „нелегални имигранти со висока закана“, во притворниот центар на базата, вчера биле пренесени во сојузната држава Луизијана.

Официјалните лица, кои сакаа да останат анонимни за да разговараат за оваа операција, рекоа дека уапсените биле пренесени во авион во насока дадена од службениците за имиграција и царината.

Ниту од Службата за имиграција и царина, ниту матична агенција, Одделот за домашна безбедност, не одговорија на барањата за коментар.

Минатата недела, како одговор на барањето за ажурирања за задржаните кои се чуваат во Гвантанамо, портпаролот на Службата за имиграција и царина одби да коментира, бидјеќи, како што рече, се чека одговор на судски спор.

И Службата за имиграција и царина и Одделот за домашна безбедност, кои се главни за напорите за депортација во САД под претседателот Доанлд Трамп, постојано одбиваа да одговорат на прашањата за идентитетот на уапсените, нивните земји на потекло или злосторствата за кои се обвинети.

Секретарката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, на социјалните мрежи рече дека многу од „нелегалните имигранти со висока закана“ испратени во Гвантанамо се членови на венецуелската улична банда Трен де Арагуа, и признале дека биле обвинети за убиство, обид за убиство, напад, трговија со оружје и криминал со дрога.

Администрацијата на Трамп ги објави плановите за користење на американската поморска база во заливот Гвантанамо за задржување на мигрантите кои се планирани за депортација кон крајот на јануари.

Во тоа време, Ноем им рече на новинарите дека објектите ќе се користат за сместување на „најлошото од лошото“.

Секретарот за одбрана Пит Хегсет, исто така, говорејќи кон крајот на јануари, го нарече притворниот центар во заливот Гвантанамо „префектното место“ за сместување на криминалците кои се планираат да се отстранат, но исто така рече дека оперативниот центар за мигранти на базата, првпат изграден во 1990-тите, ќе биде отворен и за ненасилните мигранти кои чекаат депортација.

Првите задржени почнаа да пристигнуваат во заливот Гвантанамо во февруари со товарни авиони на американската војска, некои останаа со денови или недели пред да бидат депортирани.

На моменти, базата држеше речиси 200 лица меѓу затворските и мигрантските објекти.

Минатиот месец, Службата за имиграција и царина во еден момент депортираше 177 затвореници од заливот Гвантанамо во Хондурас, од каде што требаше да бидат однесени во Венецуела на репатријација, пред да донесе повеќе лица таму.

Групите за имиграциски права, вклучително и Американската унија за граѓански слободи, поднесоа повеќе тужби против американската влада поради користењето на Гвантанамо.

Една тужба, поднесена претходно овој месец, се обидува да ги спречи американските официјални лица да префрлаат мигранти во базата, тврдејќи дека потезите го прекршуваат американскиот закон.

Претходна тужба поднесена во февруари наведува дека американската влада ги спречила членовите на семејството и адвокатите да контактираат со уапсените.

Одделот за домашна безбеднст ги отфрли наводите во тужбите.

„Американската унија за граѓански слободи изгледа многу позаинтересирана за промовирање на отворени граници и нарушување на мисиите за јавна безбедност отколку за заштита на граѓанските слободи на Американците - тие треба да размислат за промена на нивното име“, рече портпаролот на Одделот за домашна безбедност на САД претходно овој месец во изјава за Гласот на Америка. „Во меѓувреме, ќе продолжиме да работиме со Одделот за правда за да ги одбраниме овие неосновани правни предизвици“.

XS
SM
MD
LG