Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски имаа жестока расправија пред новинарите во Овалната соба на Белата куќа.
Зеленски го повика Трамп да биде внимателен со Русија, а американскиот претседател го обвини за непочитување, додека разликите меѓу двајцата лидери се повеќе излегуваа на виделина пред претставниците на медиумите.
Соопштение од претседателот Трамп: https://truthsocial.com/@realDonaldTrump/114082877976878390
„Имавме многу важен состанок во Белата куќа денеска. Научивме многу што не може да се разбере без да се зборува под оган и притисок. Неверојатно е што произлегува од емоциите, а јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи тој верува дека нашето учество му дава огромна предност во преговорите. Не сакам искористување, сакам МИР. Тој не ги почитуваше Соединетите Американски Држави во нивната Овална канцеларија. „Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, рече Трамп во изјавата по кусата средба.
Според Ројтерс, по средбата Зеленски ја напуштил Белата куќа порано од предвиденото. Закажата прес-конфереција меѓу двајцата лидери е откажана.
Што се случи во Овалната соба во Белата куќа?
Двајцата водачи се состанаа пред главниот настан на кој се очекуваше да потпишат договор за учество на САД во индустријата со клучни минерали на Украина. Средбата во Овалната соба траеше околу 50 минути. Но, Зеленски отворено го критикуваше Трамп за неговиот „помек“ пристап кон рускиот претседател Владимир Путин. „Ти се коцкаш со Третата светска војна“, му возврати Трамп во еден момент на Зеленски, повикувајќи го да покаже поголема благодарност.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс интервенираше, велејќи дека Зеленски покажал непочитување со тоа што дошол во Овалната соба да разговара за тоа, со што Трамп се согласил.
„Луѓето умираат... Ви снемува војници“, му рече Трамп на Зеленски додека нивната средба се претвори во расправија. Трамп му рекол на Зеленски дека или мора да склучи договор или САД излегуваат од договорот. Зеленски го повика Трамп „да не прави компромиси со убиец“, мислејќи на рускиот лидер.
Зеленски, чија администрација доби оружје во вредност од милијарди долари и морална поддршка од САД под претседателот Џо Бајден за да се бори против Русија, се соочува со сосема поинаков став од Трамп.
Актуелниот американски претседател сака брзо да ја заврши тригодишната војна, да ги подобри односите со Русија и да ги врати парите потрошени за поддршка на Украина.
Трамп претходно денеска го пречека Зеленски во Белата куќа, пред да тргнат на разговори, ручек, а потоа и заедничка прес-конференција на која требаше да го потпишат договорот.
„Се надевам дека ќе бидам запаметен како миротворец“, најави Трамп.
Facebook Forum