Балканот не е афектиран со снабдување на природен гас по последните американски санкции кон руската нафтена индустрија, велат познавачи на енергетскиот сектор.
На 10-ти јануари, администрацијата на Бајден во заминување ги прошири санкциите против енергетскиот сектор на Русија, како дополнителен удар на Москва за нејзината речиси тригодишна војна во Украина. Два дена подоцна шест европски земји побараа да се намали и онака ограничената цена од 60 долари за барел за руската нафта, ограничена од земјите од Групата од седум економски најразвиени држави во светот меѓу кои и САД, со образложение дека со тоа ќе се ограничи способноста на Русија да ја финансира војната во Украина.
Маргарита Асенова од Фондацијата Џејмстаун во Вашингтон вели Русија ги чувствува последиците. Многу земји не ги примаат руските бродови, а милиони барели нафта се заглавени на бродови близу бреговите на Европа, Кина и Индија, кои исто така се претпазливи за интеракција со држави чии бродови се под санкции.
„Ова неизбежно ќе доведе до намалување на руското производство на нафта. Ова е многу јасно. Извозот од различни пристаништа е намален за околу 17% во јануари. Санкциите ја гризат продажбата на руската нафта, што е нов развој во ограничувањето на протокот на пари кон рускиот буџет, а со тоа и војната против Украина. Во однос на гасот, Европа ги намали испораките на руски гас за 78%“, вели Асенова која додава дека ваквиот тренд, „Гаспром“ ги става во тешка финансиска состојба, каде се намалуваат раководните позиции со намалената испорака на гас.
Санкциите создадоа нервоза во регионот, но засега се чини дека не влијаат на безбедноста на снабдувањето со гас во регионот, вели Татиана Митрова, научен соработник во Центарот за глобална енергетска политика при Универзитетот Колумбија во Њујорк, која е стационирана во Кипар.
Сепак, постои друга димензија која нема врска со санкциите, но која создава загриженост во регионот, а тоа е физичката безбедност на Турски тек. Стравувањата се засилија по неколкуте напади од украинските беспилотни летала на почетната точка на Турски тек, во јануари, кога беше направена одредена штета без да се уништи гасоводот.
„Но, се создаде размислување дека потенцијалниот Турски тек може да биде под закана, и во овој случај, ако Турскиот тек прекине со работа, дури и привремено, тоа би било многу поголем проблем за балканските земји, особено за Србија и Северна Македонија, кои 100% се потпираат на снабдувањето по овој пат“, вели Митрова.
Балканските земји веќе размислуваат за алтернативи. Босна и Херцеговина, која зависи од рускиот гас, минатиот месец отиде чекор понапред со усвојувањето на законот за гасоводот за Јужна интерконекција, која треба да овозможи поврзување на гасоводните мрежи меѓу Хрватска и БиХ. Станува збор за гас од Азербејџан, кој претседателот на државата Илхам Алијев изминатите години јавно го нуди на земјите од Балканот. И Северна Македонија соработува со Азербејџан. ЕСМ и компанијата СОКАР од Азербејџан потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на енергетската стабилност во државата.
Познавачите од енергетскиот сектор велат дека гасот од Азербејџан е добра алтернатива за рускиот гас.
„Критичното прашање е кога овие меморандуми ќе станат вистински цврсти договори“, вели Митрова.
Асенова се согласува дека Азербејџан е сигурен снабдувач на гас.
„Нивната енергетска компанија, СОКАР, е меѓународна компанија, тие се многу вешти во односите на меѓународниот пазар, во трговијата, испораката, и снабдувањето со гас. Ова не е снабдувач што ќе користи испораки на енергија за политички цели, како што тоа го правеше Русија, уценувајќи ги земјите до кои испорачува гас за политичко влијание и исто така да изнуди повеќе пари“, вели таа.
Од октомври минатата година почна комерцијалното работење на гасниот терминал Александруполи – нова енергетска порта за Централна и Југоисточна Европа, според оперативната компанија „Гастрејд“.
Северна Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен гас во март 2021 година со Меморандум за соработка меѓу АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со грчки компании.
Се надевам дека македонската влада наскоро ќе го заврши овој проект, бидејќи е важенМаргарита Асенова
Но, државата иако има удел, нема пристап до терминалот за гас, бидејќи сѐ уште не е изграден гасниот интерконектор со Грција, преку кој би се добивало природен гас од Азербејџан.
Соговорниците на Гласот на Америка велат дека проблемот со балканските земји е што долго време се потпираа само на еден извор. Велат, начини за испорака има, но опциите се поскапи.
„Фактот што Северна Македонија започна разговори со други добавувачи, и почна да бара снабдување со ЛНГ, мислам дека беше добра идеја, барем како опција. Одговорноста на креаторите на политиките во овие земји е да се осигуруваат дека имаат алтернативни опции за снабдување со гас од други извори на енергија, иако тие опции се поскапи, вели Митрова.
„Интерконекторот Бугарија – Грција може да се зголеми за да испорача повеќе гас до Бугарија, и веќе има врска (интерконтектор) од Бугарија до Македонија. Другиот пат е исто преку Грција. Мислам дека гасот оди до грчките цевководи и потоа од таму се турка до Македонија исто како што американскиот ЛНГ се турка до Македонија. Постојат начини за испорака. Можеби ќе биде малку поскапо поради транзитните такси, но се надевам дека македонската влада наскоро ќе го заврши овој проект, бидејќи е важен проект“, вели Асенова.
Во меѓувреме, македонските граѓани во продавниците се соочуваат со повисоки цени на прехранбените производи, што предизвика и бојкот во маркетите. Но, зголемените цени на производите повторно се поврзуваат со снабдувањето со енергија. Продавачите ги зголемиле цените заради повисоките трошоци за дистрибуција. Дистрибутерите, пак, велат дека поголеми трошоци добиле од производителите. Производителите во Северна Македонија зависат од рускиот гас, кој е без голема пазарна конкуренција ѝ дозволува на Русија да се однесува монополски.
Очекувањата се дека со изградбата на интерконекторот со Грција, државата ќе добие конкурентна цена на природен гас, што би можело да ги намали трошоците на производителите во Северна Македонија. И Асенова и Митрова за Гласот на Америка на македонски велат дека пикот на зголемените цени за природен гас бил во 2022 година.
„Во 2021 година, пред да започне војната, Русија почна да ги намалува испораките на гас за Европа на многу вешт начин, за да види каква ќе биде реакцијата на Европската унија“, вели Асенова, која додава дека Северна Македонија треба да ги искористи потенцијалот на местоположбата за извори на енергија од сонце и ветар.
Ова не е уникатно за балканските држави, вели Митрова.
„Сите европски земји доживеаја прилично значителни скокови на цените меѓу 2022 и 2024 година, што се нарекува европска енергетска криза создадена од руско-украинската војна, и тоа е нешто што никој во Европа не можеше да го избегне, и некои влади прават обиди да ги направат последиците помалку болни за нивните граѓани“.