По речиси три години војна во Украина, руската опозиција на претседателот Путин е на голем крстопат.
Со оглед на тоа што истакнати фигури на движењето во егзил и оние кои останаа во Русија принудени да молчат или да се соочат со затвор, опозицијата се најде без јасно раководство.
Еден од главните противници на Путин, Илја Јашин, е во Берлин, каде што престојува по ослободувањето од руски затвор како дел од историската размена во август.
„Руската опозиција имаше лидер како Борис Немцов. Тој беше убиен. Руската опозиција имаше уште еден лидер, Алексеј Навални. Беше уапсен и отруен во затвор. Денес не постои обединување околу една личност. Ми се чини дека е многу поважно да се консолидираме околу заедничките вредности“, вели Јашин.
Вредностите на слободата и правдата ги поткрепеа барањата на опозицијата на големите ноемвриски демонстрации во Берлин – за повлекување на руските трупи од украинска почва, слобода на политичките затвореници во Русија и изведување на Путин пред лицето на правдата.
Трансферот на власта во Вашингтон следниот месец е причина за загриженост кај руската опозиција во егзил, која чека да види дали ветувањето на Доналд Трамп за брзо постигнување мир во Украина ќе претставува радикална промена во воената и политичката поддршка за Киев. Трамп вети дека ќе стави крај на војната пред да ја преземе функцијата, но не кажа, како. За време на предизборната дебата во септември, тој одби да каже дека сака Украина да победи.
„Досега во Конгресот, и демократите и републиканците се согласуваат дека Украина мора да биде поддржана, а Путин е агресор. Сега ќе дојде друг претседател, но мислиме дека Конгресот ќе продолжува да oдлучува за финансирање и ќе продолжи да ја поддржува Украина“, смета Сергеј Власов, поранешен заменик – градоначалник на московската општина „Печатники“.
Но, фокусирањето само на акциите или желбите на новата администрација е погрешно, велат некои набљудувачи, кои сметаат дека е наивно да се мисли дека Путин сака мир.
„Од гледна точка на Путин, руската армија напредува, економијата продолжува да се одржува. Кремљ нема потреба од компромиси за сега, но Трамп можеби ќе се обиде, порано или подоцна, и САД ќе се вратат да ѝ помогнат на Украина и војната ќе продолжи“, вели Антон Барбашин од институтот Riddle Russia.
Војната во Украина ескалира пред претстојните промени во Вашингтон. Трамп ја презема функцијата на 20 јануари. Во меѓувреме, прогонетите членови на руското анти-воено движење се обидуваат да најдат начин да се справат со новата реалност.
Facebook Forum