Линкови за пристапност

Влијанието на вештачката интелигенција врз изборните процеси


Влијанието на вештачката интелигенција врз изборните процеси
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:35 0:00

Напредокот на вештачката интелигенција може да влијае на изборите со лансирање на сајбер напади, ширење дезинформации, дестабилизација на демократските процеси, да го загрози интегритетот на политичкиот дискурс и да ја наруши довербата на јавноста.

Во 2024 година речиси половина од светската популација се упатуваат на гласање. И покрај тоа што технологијата долги години се користи во изборните процеси, сепак напредокот на вештачката интелигенција може да влијае на изборите со лансирање на сајбер напади, ширење дезинформации, дестабилизација на демократските процеси, да го загрози интегритетот на политичкиот дискурс и да ја наруши довербата на јавноста.

Неодамна во Скопје се одржа третиот технолошки Самит на вештачка интелигенција. Филип Аврамчев, кој е еден од организаторите на овој настан за Гласот на Америка вели дека голем дел од младите во Северна Македонија користат алатки за вештачка интелигенција, но тоа не е случај со македонските компании.

„Во поголемите корпорации, на ниво на организации, на ниво на фирми не се користи, не е инкорпорирана. Барем не секаде. Некаде е инкорпорирана, но, за тоа има голем интерес, за тоа доаѓаат голем број не само македонски туку и регионални фирми. Значи имаме голем број посетители од Србија, од Косово, зборуваме од сериозни фирми и институции, не зборуваме од стартапи туку буквално сериозни корпорации, банки, фирми кои што се регионални лидери и се заинтересирани да чујат повеќе бидејќи можеби имаат некои решенија кои што ги прават, можеби сакаат да купат (и) интегриаат некои решенија. Така што, мислам дека се повеќе и повеќе ќе гледаме користење на вештачка интелигенција во различни процеси бидејќи некоја организација можеби користи во правен аспект, во организациски аспект, но не користи во производство каде што им е главната дејност, но затоа можеби сите споредни дејности да користат помош од вештачката интелигенција“, вели Филип Аврамчев, организатор на Самитот за вештачка интелигенција во Скопје.

Експертите сметаат дека вештачката интелигенција е полесен начин за манипулација на гласачите. Еден од нив е и Д-р Мајкл Рамензи, управител на германски центар за квалитет и тестирање на вештачката интелигенција.

„Како што може да видите има многу потенцијално влијание што групите можат да го имаат врз изборите ширум светот, бидејќи станува многу полесно да се влијае врз јавното мислење преку големи платформи, а особено со алатките сега со генерички јазик и текст и други модалитети за манипулирање на овие избори“, рече Д-р Мајкл Рамензи од Центарот за квалитет и тестирање на вештачка интелигенција од Германија.

Со сличен став е и Марк Марет кој е ко-основач и извршен директор на швајцарската компанија Вектор 8.

„Да, секако дека може да има влијание. Ова е нешто на што треба да бидете многу внимателни за да добиете контрола и да бидете сигурни дека вештачката интелигенција не ја корумпира или вознемирува реалноста, туку навистина му служи на човештвото“, смета Марк Марет, ко-основач и извршен директор на компанијата Вектор 8.

Дека вештачката интелигенција е особено важна во денешно време и се наметнува во секојдневието во модерните и развиени држави, говори и доделувањето на Нобеловата награда за физика која годинава му припадна на двајца пионери во вештачката интелигенција, Џон Хопфилд и Џефри Хинтон за „фундаменталните откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со помош на вештачки невронски мрежи“.

Американските разузнавачки претставници и експерти долго време предупредуваат за тоа како Кина и другите странски противници спроведуваат генеративна вештачка интелигенција во нивните напори за дезинформација, за да ги нарушат и да влијаат на претседателските избори во 2024 година.

Но, неодамна, дипфејк видеа, во кои често се појавуваат врвни лидери на САД, вклучително и претседателот Џо Бајден, како пеат кинески поп-песни, станаа вирални на интернет просторот. Некои од видеата го најдоа својот пат до платформите за социјални медиуми кои не се достапни во Кина, како што се Инстаграм, ТикТок и Екс.

„Има зголемена употреба на содржина генерирана од кинеска вештачка интелигенција во последниве месеци, обидувајќи се да влијае и да предизвика поделеност во САД и на други места“, се вели во најновиот извештај на „Мајкрософт.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG