Американскиот државен секретар Антони Блинкен, во важно обраќање за кинеската политика од Универзитетот Џорџ Вашингтон ја истакна стратегијата на администрацијата на претседателот Бајден да ја надмине Кина во следната деценија со инвестирање во критична инфраструктура и работа со сојузниците за зајакнување на безбедноста на синџирот на снабдување, притоа спречувајќи ненамерни кризи.
Според првиот дипломат на САД, администрацијата не се обидува да се „одвои“ од Кина.
Терминот се однесува на прогресивно прекинување на економските и трговските врски меѓу САД и Кина и често се слушаше за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Секретарот Блинкен изјави дека САД не сакаат да ја отцепат кинеската економија од американската или од глобалната економија.
„Ние не бараме конфликт или нова Студена војна. Напротив, решени сме да ги избегнеме и двете. Ние не сакаме да ја блокираме Кина од нејзината улога како голема сила, ниту да ја спречиме Кина – или која било друга земја, во таа работа – да ја развива својата економија или да ги унапредува интересите на својот народ“, изјави државниот секретар на САД.
Но, како што истакна Блинкен, „ќе го браниме и зајакнеме меѓународното право, договорите, принципите и институциите кои го одржуваат мирот и безбедноста, ги штитат правата на поединците и суверените нации и ќе им овозможат на сите земји - вклучително и САД и Кина - да коегзистираат и соработуваат“.
Според него, денешната Кина е многу поинаква од Кина од пред 50 години, кога претседателот Никсон ги прекина децениските заладени односи и стана првиот претседател на САД што ја посети земјата.
Тој оцени дека Кина е глобална сила со извонреден дострел, влијание и амбиции. Потсети дека таа е втора по големина економија, со градови од светска класа и мрежи за јавен транспорт, рече Блинкен и додаде дека ја модернизира својата војска и има намера да стане борбена сила од највисок степен со глобален дострел, и ја објави својата амбиција да создаде сфера на влијание во Индо-Пацификот и да стане водечка сила во светот.
САД ја споделуваат визијата што ја имаат земјите и луѓето од целиот регион: една за слободен и отворен Индо-Пацифик каде правилата се развиваат транспарентно и се применуваат правично; каде земјите се слободни да носат свои суверени одлуки; каде што стоките, идеите и луѓето течат слободно низ земјата, сајбер - просторот, отворените мориња, а владее правото за сите, подеднакво, рече Блинкен.
Говорот на Блинкен на Универзитетот Џорџ Вашингтон се фокусираше на темата „инвестирајте, усогласете и натпреварувајте се“.
Новата независна анализа на Bloomberg Economics предвидува дека за прв пат од 1976 година, економијата на САД е подготвена да расте со повисока просечна годишна стапка на раст од кинеската економија оваа година.
Белата куќа, паралелно со обраќањето на Блинкен, објави дека минатогодишниот двопартиски Закон за инфраструктура, Законот за инвестиции во инфраструктурата и работни места, ќе ги обнови американските патишта, мостови и шини, и ќе помогне да се ублажат инфлаторните притисоци и да се зајакнат синџирите на снабдување со подобрувања во американските пристаништа.
Блинкен ги опиша напорите на САД, кои соработуваат со сојузниците и партнерите за одржување и подобрување на меѓународниот поредок, 16 месеци од почетокот на администрацијата на Бајден.
Овој натпревар меѓу САД и Кина „не е за нова Студена војна“ или „поделба на светот на крути идеолошки блокови“, потенцираше Блинкен.
„Станува збор за одржување и ревитализација на меѓународниот поредок на начин кој ги штити основните принципи“, рече Блинкен.
Организацијата – „Азиско општество“ беше домаќин на државниот секретар Антони Блинкен за обраќањето во кое ја опише политиката на американската администрација кон Народна Република Кина.