Линкови за пристапност

Бајден од Јужна Кореја со фокус на отворањето на нова фабрика за полупроводници во Тексас


Јужна Кореја (АП) - Претседателот Џо Бајден на своето патување во Азија со фокус на американскиот технолошки сектор, ја посети фабриката за компјутерски чипови Самсунг, која ќе служи како модел за фабрика за полупроводници вредна 17 милијарди долари што ја гради корејската електронска компанија во околината на Остин, Тексас.

Посетата е, исто така, потсетник на еден од клучните домашни приоритети на Бајден за зголемување на понудата на компјутерски чипови. Недостигот на полупроводници минатата година ја погоди автомобилската индустрија, кујнски и други технолошки апарати. Оваа криза во понудата предизвика повисока инфлација.

Освен тоа, Бајден ќе се справи со мноштво прашања од надворешната политика за време на неговата шестдневна посета на Јужна Кореја и Јапонија.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека инвестицијата на Самсунг во Тексас ќе значи „добро платени работни места за Американците и, што е многу важно, ќе се реши проблемот со синџирот на снабдување со полупроводници“.

Бајден беше поздравен во фабриката во Јужна Кореја од новиот претседател на земјата, Јун Сук Јеол и потпретседателот на Самсунг Електроникс, Ли Јае Јонг. Јун кој стана претседател, пред нешто повеќе од една недела, во својата кампања завзеде поостар став против Северна Кореја и зајакнување на 70-годишниот сојуз со САД.

Дел од недостигот на компјутерски чипови е резултат кој се појави по пандемијата, која предизвика затворање на постројките за полупроводници. Претставници на американската влада процениле дека производството на чипови нема да биде на нивоата што би сакале до почетокот на 2023-та година.

Глобалната продажба на компјутерски чипови изнесуваше 151,7 милијарди долари во првите три месеци од оваа година, што е скок од 23 отсто во однос на истиот период во 2021-ва година, според Здружението на индустријата за полупроводници.

Повеќе од 75 проценти од глобалното производство на чипови доаѓа од Азија. САД се надеваат да се заштитат преку поголемо домашно производство и владини инвестиции во секторот преку нацрт-законот за кој се преговара во Конгресот.

Ризикот од кинеска агресија против Тајван би можел да го прекине протокот на компјутерски чипови од високата класа кои се потребни во САД за воена опрема, како и за стоки за широка потрошувачка.

Во однос на производството на чипови, Кина води во глобалниот пакет со удел од 24 отсто, потоа Тајван 21 отсто, Јужна Кореја 19 отсто и Јапонија 13 отсто. Само 10 отсто од чиповите се направени во САД, според Здружението на индустријата за полупроводници.

Самсунг ја објави веста дека ќе отворат фабрика со седиште во Тексас во ноември минатата година. Фабриката ќе започне со работа во втората половина на 2024-та година. Јужнокорејскиот електронски гигант ја избра локацијата врз основа на голем број фактори, вклучувајќи ги владините стимулации и „подготвеноста и стабилноста“ на локалната инфраструктура.

Покрај Самсунг, Бајден во своите неодамнешни говори ја истакна и најавата на американската фирма Интел за изградба на фабрика за полупроводници во близина на Колумбус, Охајо.

XS
SM
MD
LG