САД соопштија дека ќе бараат воведување нови санкции за Северна Кореја во Обединетите нации, откако режимот на Ким Јонг Ун истрела и тестираше нови проектили, вклучувајќи ја веројатно најголема интерконтинентална балистичка ракета, објави Асошиејтед Прес.
Според АП, тестирањето на проектилите се случи само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден ја напушти Азија.
Северна Кореја, исто така, спроведува „оперативни тестови“ на уред за нуклеарна детонација, рече Ким Тае-Хјо, првиот заменик - директор на Канцеларијата за национална безбедност во Сеул. Неговото предупредување ја зголемува загриженоста за предвидувањата на американските и јужнокорејските власти, кои со недели велат дека режимот на Ким е блиску до извршување на седмата нуклеарна проба.
Три проектили, вклучително и еден ICBM, беа истрелани од областа Сунан во Пјонгјанг, објави Сеул, еден од речиси 20-те тестирања на оружје од Северна Кореја досега оваа година, што поттикна заеднички американско-јужнокорејски вежби како одговор. Вашингтон планира да повика на гласање во Советот за безбедност на ОН за построги санкции кон Пјонгјанг по тестовите, изјави висок американски претставник.
Тестирањето на проектилите во средата беше „јасно темпирано за враќањето на претседателот Бајден во САД по неговата посета на Јужна Кореја и Јапонија“, рече професорката од Универзитетот Евха, Парк Вон-гон, додавајќи дека Бајден дури и не слетал во САД кога се случиле.