Линкови за пристапност

Бајден со скриена порака за влијанието на Кина во Индо-Пацификот


Завршувајќи го своето 6-дневно патување во Азија, американскиот претседател Џо Бајден ја искористи војната во Украина за да испрати порака до Кина да продолжи да ги поддржува основните принципи на меѓународниот поредок.

„Територијалниот интегритет и суверенитет, меѓународното право, човековите права мора секогаш да се бранат, без разлика каде се прекршени во светот“, рече Бајден во изјавата за време на самитот во Токио со лидерите на Јапонија, Индија и Австралија.

Руската инвазија на Украина ја зголемува важноста на стратегиските цели на администрацијата за „унапредување на слободен, отворен, поврзан, безбеден и отпорен Индо-Пацифик“, рече Бајден за време на состанокот Quad на неговиот последен ден во Азија, со јапонскиот премиер Фумио Кишида, индискиот премиер Нарендра Моди и новоизбраниот австралиски премиер Ентони Албанес.

„Се додека Русија ја продолжува војната, САД ќе работат со нашите партнери во помошта за глобален одговор, бидејќи тоа ќе влијае на сите делови на светот“, рече Бајден. „Во исто време, Соединетите Држави мора и ќе бидат силни, стабилни и издржливи партнери во Индо-Пацификот.

Кишида ја повтори изјавата на Бајден. „Руската инвазија во Украина директно ги оспорува принципите кои се вградени во Повелбата на Обединетите нации“, рече тој. „Никогаш, никогаш не треба да дозволиме да се случи сличен инцидент во Индо-Пацификот“.

Во заедничката изјава и забелешките на четворицата лидери во кои не се споменува Кина директно, ја истакнаа целта за изградба на индо-пацифички регион кој ги почитува суверенитетот и владеењето на правото и ваквата дипломатска формулација се разбира дека е насочена кон Пекинг.

Пекинг драматично ги зголеми своите воени трошоци во последниве години, вклучително и поморската моќ. Сега го има вториот најголем одбранбен буџет во светот по Соединетите држави. Во однос на бројот на бродови за кои тврди дека ги има, кинеската морнарица сега е најголема во светот, рече Сем Рогевен, директор на Меѓународната програма за безбедност на Институтот Лови.

„Во однос на воениот буџет, Кина сè уште е на второто место по Соединетите Држави, но многу брзо го достигнува чекорот“, изјави Рогевен за Гласот на Америка.

Додека многумина во регионот стравуваат од инвазија на Тајван, Пекинг трансформира најмалку три вештачки острови во воени бази и покрај претходните уверувања на претседателот Кси Џинпинг дека тоа нема да биде направено.

Кина ги контролира островите Парасел, еден од двата главни архипелази во Јужното Кинеско Море, и тврди дека има целосна сопственост на другиот - островите Спратли.

Морињата се исклучително стратешки со трилиони долари или приближно една третина од целата глобална поморска трговија што минува низ нејзините бродски патеки секоја година.

Водачите на Quad изјавија дека „силно се спротивставуваат на какви било принудни, провокативни или унилатерални дејствија што се обидуваат да ја променат статус квото состојбата и да ги зголемат тензиите во областа.

XS
SM
MD
LG