Претседателот Џо Бајден рече дека САД ќе бидат подготвени да интервенираат за да го одбранат Тајван доколку Кина изврши инвазија, со што последниот коментар на Бајден фрла сомнеж за долгогодишната американска политика на „стратешка двосмисленост“ по ова прашање.
На прес-конференција во Токио, Бајден беше запрашан дали Соединетите Држави се подготвени „воено да се вклучат за да го одбранат Тајван“, имајќи предвид дека Вашингтон не сакаше да го стори тоа по руската инвазија на Украина.
„Да. Тоа е обврската што ја презедовме“, рече Бајден, без да образложи што би подразбирало хипотетичката американска одбрана на Тајван.
Тоа е последното очигледно оддалечување на Бајден од пристапот на „стратешка двосмисленост“ што американските претседатели долго време го прифаќаат кога зборуваат за можна кинеска инвазија на Тајван.
Како одговор, кинеското Министерство за надворешни работи брзо возврати, велејќи дека Пекинг нема простор за компромиси или отстапки за прашања поврзани со неговиот суверенитет.
Бајден даде слични забелешки во октомври. И, во двата случаи, претставниците на Белата куќа брзо се обидоа да ги разјаснат коментарите на Бајден.
„Како што рече претседателот, нашата политика не е променета. Тој ја повтори нашата политика на „Една Кина“ и нашата посветеност на мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец“, изјави официјален претставник на Белата куќа подоцна во понеделникот.
Американскиот функционер, сепак, не се повлече од коментарите на Бајден за доаѓањето во одбрана на Тајван.
Кина, како еднопартиска авторитарна држава, го гледа демократскиот Тајван како отцепена провинција и долго време вели дека ќе го врати со сила, доколку е потребно. Во последниве години, Пекинг, исто така, имаше зголемен број прелети со воени авиони во близина на островот.
Во Токио, Бајден рече дека Кина „си игра со опасноста“, но дека не очекува Кина да употреби сила за да се обиде да го заземе Тајван, особено сега откако светот се спротивстави на руската инвазија на Украина.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида, кој зборуваше заедно со Бајден, понуди помалку директен одговор за тоа дали Јапонија ќе интервенира воено за да го одбрани Тајван.
Сепак, Кишида рече, „едностраните обиди за промена на статус кво со сила, како во Украина, никогаш не треба да се толерираат во Индо-Пацификот“.
Кишида рече дека тој и Бајден ја подвлекле важноста на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.
Јапонија е еден од најискрените критичари на руската инвазија на Украина во светот. Бајден и Кишида уште еднаш денес ја осудија инвазијата во нивните јавни говори.
„Ова не е европско прашање. Ова има глобални импликации. Ова има импликации за прашањата за безбедност на Источна Азија и Индо-Пацификот“, изјави за Гласот на Америка Норијуки Шиката, секретар за односи со јавноста на Кабинетот на Јапонија.
За време на нивниот самит, Кишида исто така рече дека Бајден ги поддржал неодамнешните напори на Јапонија „фундаментално да ја зајакне одбранбената способност на земјата“.
Бајден е во тридневна посета на Јапонија, по престојот во Јужна Кореја.
На настанот во Токио во понеделникот, Бајден ги откри почетоците на „Индо-пацифичката економска рамка“ или ИПЕФ, иницијатива која треба да го демонстрира економскиот ангажман на САД во Азија.
Досега, 12 азиски земји се согласија да се приклучат на дискусиите на ИПЕФ, за кои американските власти се надеваат дека на крајот ќе резултира со поконкретен план за зајакнување на глобалните синџири на снабдување и поставување правила за дигиталната економија.
ИПЕФ е долгоочекуваната економска компонента на американската „Индо-пацифичка стратегија“, за која многумина во Азија велат дека премногу се фокусирала на воени прашања.
Во вторник, Бајден и Кишида ќе учествуваат на самитот на Quad - регионална групација составена од Соединетите Американски Држави, Јапонија, Индија и Австралија.