Линкови за пристапност

Бајден: Русија мора да ја плати цената за инвазијата во Украина


Американскиот претседател Џо Бајден денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „мора да плати скапа цена за неговото варварство во Украина“.

Говорејќи за време на посетата на Јапонија, Бајден ја наведе важноста да се испрати порака со долгорочни санкции за Русија.

„Ако, всушност, по сето она што тој го направи, дојде до зближување меѓу Украинците и Русија, а санкциите не продолжат да се одржуваат на многу начини, тогаш каков сигнал испраќа тоа до Кина за обидот да го заземе Тајван со сила? - изјави Бајден.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот повика на зголемен притисок врз Русија, велејќи на Светскиот економски форум во виртуелно обраќање дека треба да има ембарго на руската нафта, блокади на руските банки и стопирање на секаква трговија со Русија.

„Еве што треба да бидат санкциите: тие треба да бидат максимални, така што Русија и секој друг потенцијален агресор што сака да води брутална војна против својот сосед јасно ќе ги знае непосредните последици од нивните постапки“, рече Зеленски.

„Ова е навистина моментот кога се одлучува дали бруталната сила ќе владее со светот“, рече Зеленски.

Неколку часа претходно, Михаило Подољак, главниот преговарач на Украина со Русија и советник на Зеленски, го истакна прашањето за европскиот увоз на руска нафта кој изнесува околу една милијарда долари секој ден.

„Русија продолжува да убива деца, да силува жени и да уништува градови“, напиша Подољак на Твитер. „Украина продолжува да ги брани европските граници и демократската цивилизација. Извлечете заклучоци“.

Лидерите на Европската унија предложија забрана за руската нафта, но големата зависност од неколку земји-членки досега ги блокираше тие напори.

Руската војска ги фокусира своите напори на регионот Донбас во источна Украина, кој ги опфаќа областите Луганск и Доњецк, и во делови од јужна Украина.

Украинскиот суд осуди руски војник на доживотен затвор за убиство на украински цивил во североисточното село Суми.

21-годишниот војник се изјасни за виновен, велејќи му на судот дека постапил по наредба на офицер да го застрела човекот.

Русија негираше дека цели на цивили. Портпаролот на Кремљ во понеделникот пред пресудата рече дека Русија е загрижена за судењето и дека нема „капацитет лично да ги заштити своите интереси“.

Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG