Линкови за пристапност

Доминантната улога на Владата во економијата создава услови за корупција, вели извештај на Стејт департментот


Во извештајот за човекови права во Северна Македонија за 2021 година се нагласува дека „владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција
Во извештајот за човекови права во Северна Македонија за 2021 година се нагласува дека „владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција

Сериозна владина корупција, насилство и закани за насилство врз новинари и ЛГБТИ лица, се дел од забелешките во најновиот извештај на Стејт департмент за човекови права во Северна Македонија за 2021 година.

Во него се нагласува дека „владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција“.

„Значајните проблеми за човековите права вклучуваат веродостојни извештаи за нечовечки и понижувачки услови и тешка пренатрупаност во некои затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, случаи на сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство, и насилство и закани за насилство насочени кон лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, квир или интерсексуални лица“, се вели во извештајот.

Извештајот нотира дека „Народниот правобранител веруваше дека полициската неказнивост и понатаму е проблем, но во помала мера отколку во минатото“.

Извештајот ги оценува парламентарните избори во 2020 година како „вистински конкурентни“, и покрај ограничената способност на политичарите да спроведат теренски активности за време на пандемијата.

„Во својата прелиминарна изјава за парламентарните избори во јули 2020 година и конечниот извештај во октомври 2020 година, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа забележа дека изборите генерално биле спроведени ефективно во услови на прилагодувања како одговор на пандемијата на ковид-19, но правната стабилност беше поткопана со суштинските ревизии на Изборниот законик и последователните адхок регулативи донесени за време на вонредната состојба“.

Според извештајот, националната полиција ја одржува внатрешната безбедност, вклучително миграцијата и спроведувањето на границите, но нагласува дека припадниците на безбедносните сили извршиле „одредени злоупотреби, вклучително и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари“.

Корупција и недоволна транспарентност во Владата

Извештајот забележува дека законот предвидува кривични казни за осудени официјални лица за корупција, но оти имало извештаи за функционери вклучени во корупција.

„Невладините организации изјавија дека доминантната улога на Владата во економијата создава можности за корупција. Владата беше најголемиот работодавач во земјата“, стои во извештајот.

Во него пишува и дека на 15. јули „претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска изјави дека и покрај зголемената перцепција за корупција во судството, само 20 отсто од претставките поднесени до ДКСК го вклучуваат судството, што укажува на јаз меѓу перцепцијата и искуството. На 13. април, како дел од случајот „Трезор“ инициран од поранешното СЈО, Кривичниот суд Скопје ги осуди поранешниот директор на Управата за контраразузнавање и безбедност Сашо Мијалков, како и тројца поранешни соработници, за злоупотреба на службената положба со измама за набавка на опрема за следење од компанија со седиште во Обединетото Кралство, што резултирало со мито од приближно 52 милиони денари (996.000 американски долари). Парите беа пренесени преку Финзи, компанија во сопственост на тогашниот деловен соработник на Мијалков, Орце Камчев, кој во тоа време беше во притвор во врска со одвоено кривично судење. Судот го осуди Мијалков на осум години затвор и му одреди продолжување на притворот, откако утврди дека е ризик од бегство“.

Извештајот го забележува и случајот на поранешниот советник на Кабинетот на премиерот и генерален секретар на владата Драги Рашковски, кој беше уапсен по истрагата за измама за набавка на софтвер за следење на сообраќајот.

„На 23. јули, затворската полиција ја префрли поранешната главна специјална обвинителка Катица Јанева од домашен притвор во скопскиот затвор Идризово, по одлуката на скопска Апелација да ја потврди нејзината пресуда од 2019 година во случајот „Рекет“, стои меѓудругото во извештајот.

17 кривични пријави за закани и напади врз новинари

Заклучно со 20. септември, Јавното обвинителство Скопје разгледа 17 кривични пријави за закани и физички или онлајн напади врз новинари, стои во извештајот, во кој се додава дека „обвинителите утврдија дека три од тие претставки заслужуваат дополнителни обвинителски истраги, а три се упатени до Министерството за внатрешни работи поради квалификување како прекршоци. Останатите 11 не заслужуваа обвинителска проверка поради недостиг на докази кои докажуваат криминално однесување“.

Извештајот нотира дека „додека медиумите и известувањата продолжија да бидат главно поделени по политички линии, бројот на независни медиуми кои активно изразуваа различни ставови без отворено ограничување продолжи да се зголемува“.

„На први април, медиумите објавија дека на 31 март, врз основа на кривичните пријави на финансиската полиција, Скопското јавно обвинителство поднесе скратено обвинение за даночно затајување против компанија која наводно е сопственик на ТВ Алфа, комерцијална телевизија со национално покривање. Според пријавата, компанијата затаила околу 62,5 милиони денари (1,2 милиони долари) данок на приходи од 2013/2014 година. Во соопштение до медиумите од 19. мај, ТВ Алфа се пожали на притисок од финансиската полиција за истрага на финансиското и програмското работење на станицата во 2019 и 2020 година и од инспекторите на Министерството за внатрешни работи за проверка на комерцијалното работење на станицата 2013-2020 година“, се вели во извештајот.

Советот за етика во медиумите продолжи да работи на унапредување на саморегулацијата. Заклучно со 25. август, Советот примил 95 поплаки за неетичко известување и лажни вести, што е за 10 отсто помало од бројот примени во истиот период во 2020 година, пишува во извештајот.

Поврзано

XS
SM
MD
LG