Линкови за пристапност

Не можам да кажам кога ќе се примени наредбата на Бајден, но, борбата против корупцијата е наш приоритет, порача Рикер


Вршителот на должност помошник-државен секретар на САД за Европа, меѓудругото, рече и дека со последните одлуки ЕУ го поткопала сопствениот кредибилитет во регионот

Билатералните прашања немаат место во преговарачката рамка со ЕУ, се согласиле премиерот Зоран Заев и вршителот на должност помошник-државен секретар на САД за Европа Филип Рикер на средбата во Охрид.

Заев се заблагодари за, како што рече, постојаната, отворена и искрена поддршка на САД за македонските аспирации колку што може поскоро да се започнат преговорите за членство во ЕУ.

„Отварањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, останува наш стратешки приоритет. И ја користам уште еднаш оваа прилика да го потенцирам она што верувам дека е јасно и за Брисел, дека билатералните прашања немаат место во преговарачката рамка, став за кој недвосмислено се согласивме со помошникот државен секретар Филип Рикер“, рече Заев.

Тој кажа дека Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓањето на заедничко прифатливо решение со Бугарија, засновано врз европски вредности и стандарди.

„Посветени сме да работиме со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство во сите области од заеднички интерес, вклучително и Комисијата за историски и образовни прашања, но, има некои прашања за кои не може да се преговара. Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешка определба за натамошно проширување со земјите од Западен Балкан, и да го објави тоа решение до Самитот на ЕУ за Западен Балкан оваа есен. Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност“, рече Заев.

Додаде и дека поеднакво важен долгорочен интерес за земјава е унапредувањето на одличните билатерални, политички, економски и културни односи со САД.

Рикер, на заедничката прес - конференција со премиерот Заев, истакна дека Северна Македонија е значаен придонесувач на глобалната безбедност, а македонската дипломатија ја нарече храбра во контекст на потпишувањето на Договорот од Преспа и заложбата за добрососедски односи.

Тој уште еднаш ги истакна заложбите за што побрза интеграција на земјава во ЕУ.

„Северна Македонија е Европа. Ова е европска земја. Кога јас долетувам овде доаѓам во Европа. И тоа не е вкоренето само во вашата географија, туку и во вашата историја. На билатералните состаноци што јас и колегата Палмер ги имавме, ја поздравивме одлуката на ЕУ од март минатата година да отпочне преговори за пристапување на Северна Македонија и на Албанија, како признание за спроведените реформи, неопходни за членство. Пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ ќе ја зголеми стабилноста во Европа и затоа суштински елемент на американската политика години наназад е поддршката за пристапувањето. Но, последните одлуки го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ. Тоа испраќа погрешен сигнал и зајакнува некои перцепции во Западниот Балкан дека ЕУ го напушта регионот. Јас не верувам во ова. Но, затоа ние го поддржуваме почетокот на преговори со ЕУ на Северна Македонија и Албанија“, изјави Рикер.

Во однос на извршната наредба на претседателот Бајден, тој рече дека таа вклучува упатување на Преспанскиот и Охридскиот договор, како елемнти на стабилноста и трудот кој е направен во регионот.

„Оние кои сториле коруптивни практики во регионот, без разлика дали се работи за приватен имот или други видови на корупција, ова на нашиот претседател му дава посилно оружје, посилна алатка за влијание врз регионот. Јас не можам да ви кажам кога и како ќе се искористи таа алатка, меѓутоа таа е сигнал од администрацијата за сериозноста со која ние гледаме врз ова прашање. Борбата против корупција е врвен приоритет на нашата надворешна политика“, рече Рикер.

Оваа година се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу САД и Северна Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG