Северна Македонија, заедно со Албанија постигнаа побрз напредок во борбата против корупцијата отколку земјите кои се сметаат за фаворити за интеграција во ЕУ, вели Европската комисија (ЕК) за Западен Балкан во пакетот за проширување за 2021 година.
Во него се нотира дека Северна Македонија има одредено ниво на подготовка, односно е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата, и оти е постигнат одреден напредок.
Според ЕК, Северна Македонија ја консолидирала нејзината заложба за спречување на корупцијата и санкционирање на корупциското однесување.
Европската комисија укажува на имплементацијата на Кодексот на однесување на лицата на кои им се доверени високи извршни функции, кој беше ставен во рацете на вицепремиер, што е некомпатибилно со практиката на ГРЕКО
Eвропската комисија нагласува и дека државата продолжила да го зајакнува искуството во истрагата, гонењето и судењето на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво.
Сепак, во пакетот за проширување се изразува загриженост за значителен број случаи на судир на интереси во кои се вклучени највисоки извршни функции што ги обработува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
ЕК препорачува Северна Македонија да продолжи да го зголемува досието на пресуди во случаи на корупција на високо ниво, проследено со конфискација на криминално стекнат имот, продолжувајќи го прогресот од минатата година.
Извештајот вели дека „Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во спречувањето на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и против високи функционери“.
Сепак, ЕК додаде дека напорите за подобрување на нејзиното функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање на стручен кадар.
Facebook Forum