Линкови за пристапност

Фридом хаус: Северна Македонија е делумно слободна земја, продолжува да се соочува со корупцијата


Во извештајот „Слободата во светот 2021“, земјата доби 66 поени од можни сто, што е за три поени напредок во однос на минатата година

Северна Македонија продолжува да се бори со корупцијата и додека медиумите и граѓанското општество се вклучени во интензивниот јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашувања.

Ова се дел од оценките во најновиот извештај на меѓународната организација, Фридом хаус „Слободата во светот 2021 година: Демократијата под опсада“, а во кој Северна Македонија е оценета како делумно слободна земја.

Годинашната оценка за државата е 66 од можни сто поени, што е за три поени напредок од лани.


Во повеќето сегменти, како што се транспарентноста, слободата на изразување, корупцијата Северна Македонија ги задржува ланските средишни оценки. Напредокот, пак, од по некој поен, е во делот за изборите, за формирањето на владата и за, како што се истакнува, намалените опструкции во работењето на парламентот.

Клучен настан – блокадата за почеток на преговорите со ЕУ

Како главни настани во 2020 година се издвоени ланските парламентарни избори, кои се оценуваат како кредибилни и без поголеми инциденти. Нагласени се и измените во Законот за јавното обвинителство, при што се вели дека биле проследени со контроверзии околу промени на законските одредби во последен миг.

Како клучен настан се спомнува и блокадата од бугарската влада со која е стопиран почетокот на преговорите со ЕУ.


Во извештајот се спомнува и пандемијата, при што се објаснува дека се предвидени казни за прекршителите на мерките за заштита од Ковид-19, како и дека против нив не е применето насилство, ниту прекумерна сила.

Напредок по еден поен во три сегменти

Во делот за изборите и формирањето на Владата, има напредок од еден поен. Годинава оценката е 3 поени (од максимални 4), а како причина за напредокот се истакнува дека, иако изборните резултати биле речиси изедначени, формирањето на владата на Зоран Заев поминало регуларно, без позначајни опструкции од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Причина за подобрата оценка, како што се вели, се редуцираните обиди за купување гласови и за заплашување на гласачите


Со три поени, што е за еден поен повеќе од лани, е оценето прашањето дали изборите биле фер и слободни. Причина за подобрата оценка, како што се вели, се редуцираните обиди за купување гласови и за заплашување на гласачите.

Во извештајот се посочува дека има напредок и во функционирањето на законодавните и владините тела. Така, од ланските два, годинава земјата е оценета со три поени (од максимални 4) и тоа поради, како што стои, стабилниот повеќегодишен пад во опструкциите на парламентот.

Двојка за борбата со корупцијата

За состојбата со корупцијата, земјата е оценета со двојка (од максимални четири поени). Во извештајот се нагласува дека корупцијата и натаму е сериозен проблем, со потсетување дека е широко распространета неказнивоста на корумпирани владини службеници, вклучително и членови на парламентот и судството.

Останува загриженоста и за ефикасноста и независноста на судството, кое е оценето со два поени, од можни четири. Се вели дека во судството не се спроведени сите реформи ветени од владата


Се додава и дека и покрај пофалбите од ЕУ за стабилниот напредок во реформите, продолжува да се појавува сериозна корупција и скандали во јавните набавки.

Останува загриженоста и за ефикасноста и независноста на судството, кое е оценето со два поени, од можни четири. Се вели дека во судството не се спроведени сите реформи ветени од владата.

Поларизирани медиуми – новинарите под закани

Состојбата со слободата на медиумите е оценета со три поени, од можни четири. За новинарите се вели дека и натаму се изложени на политички притисок и вознемирување, како и дека и сè уште има пријави за физички напади врз нив.

За медиумите, пак, се вели дека се длабоко политички поларизирани и дека содржината на приватните медиумски куќи е под силно влијание од политички или бизнис интереси.

Дискриминација и мали можности за индивидуален напредок

Во однос на човековите права, дискриминацијата, заштитата од сексуално вознемирување се вели дека и покрај постоечката легислатива, проблемот и натаму постои.

Во делот со економските слободи и можности, пак, се вели дека поради неконтролирана корупција, намалена е можноста за напредок на индивидуата кон подобро платени позиции


За правната заштита против овие појави, земјата е оценета со два поени. Притоа се истакнува дека особено е дискриминирана ромската популација и тоа најчесто на полето на вработувањата.

Во делот со економските слободи и можности, пак, се вели дека поради неконтролирана корупција, намалена е можноста за напредок на индивидуата кон подобро платени позиции. Како проблем се нагласува и трговијата со луѓе и се додава дека се намалила владината поддршка за невладините организации што се грижат за жртвите од трговија со луѓе.

XS
SM
MD
LG